Македонија во 2024 година имала 20,1 професионални судии на 100.000 жители, покажуваат најновите податоци на Евростат. Иако земјава е над просекот на Европската Унија, бројот на судии и кај нас бележи пад во споредба со претходните години.
Според статистиката, Европската Унија лани во просек имала 15,7 професионални судии на 100.000 жители, што е помалку во однос на 2014 година, кога просекот изнесувал 17,7.
Во Македонија, пак, бројот на професионални судии се намалил од 24,3 на 100.000 жители во 2019 година на 20,1 во 2024 година, односно за повеќе од четири судии на 100.000 жители.
Хрватска и Словенија со најмногу судии во ЕУ
Меѓу земјите-членки на Европската Унија, највисок број професионални судии има Хрватска со 43,3 на 100.000 жители, пред Словенија со 40,2. Следуваат Луксембург со 36,0, Бугарија со 35,4 и Романија со 35,3 судии на 100.000 жители.
На спротивниот крај од листата е Ирска со само 3,6 судии на 100.000 жители. По неа следуваат Австрија со 4,3, Шпанија со 6,2, Чешка со 6,7 и Италија со 7,9 судии.
Во регионот највисок однос има Црна Гора со 42,49 судии на 100.000 жители, пред Србија со 40,18. Следуваат Бугарија со 35,37, Грција со 26,06, Македонија со 20,15 и Турција со 16,66 судии на 100.000 жители.
За Албанија и Косово нема податоци за 2024 година. Последните достапни информации покажуваат дека Албанија во 2023 година имала 8,87 судии на 100.000 жители, додека Косово во 2019 година имало 23,33.
Жените доминираат во судството
Податоците на Евростат покажуваат дека во најголем дел од европските земји мнозинството професионални судии се жени. Единствен исклучок е Ирска, каде мажите сочинуваат 56,4 проценти од судиите, а жените 43,6 проценти.
Најголем удел на судијки има Словенија, каде жените претставуваат 81,4 проценти од сите професионални судии, односно 694 жени наспроти 159 мажи. По неа следува Латвија со 79,7 проценти жени судии.
Во Германија судството е речиси рамномерно поделено, при што жените учествуваат со 50,7 проценти или 11.139 судијки, наспроти 10.813 судии.
Во Македонија, 61,4 проценти од професионалните судии во 2024 година биле жени. Во регионот, најголем удел на судијки има Грција со 75,5 проценти, пред Србија со 73 проценти, Босна и Херцеговина со 64,8 проценти, Бугарија со 64,4 проценти, Црна Гора со 63,3 проценти и Албанија со 55 проценти.
Според дефиницијата на Евростат, професионални судии се платени правни професионалци, вработени со полно или скратено работно време, кои се овластени да постапуваат по граѓански, кривични и други предмети, вклучително и во апелационите судови, и да донесуваат судски одлуки. Во оваа категорија не се вклучени непрофесионалните судии, како што се судиите-поротници и магистратите-поротници.
