Градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, денеска одржа отворен ден со граѓаните, во рамките на процесот на подготовка на буџетот на Општина Аеродром за 2027 година. Голем број жители на општината ја искористија можноста непосредно да ги претстават своите идеи, предлози и иницијативи за развој на локалната заедница.
На средбата се разговараше за потребите и приоритетите во населените места, актуелните предизвици и можностите за реализација на проекти во различни области од надлежностите на општината, со цел унапредување на инфраструктурата, комуналните услуги и севкупниот квалитет на живот на граѓаните.
Градоначалникот Митески им се заблагодари на присутните за интересот, довербата и активното учество, посочувајќи дека непосредната комуникација со граѓаните е важен дел од процесот на утврдување на реалните потреби и буџетските приоритети.
Сите доставени предлози и иницијативи ќе бидат внимателно разгледани, а оние за кои постојат реални можности и соодветна основа ќе бидат земени предвид при подготовката на буџетот за 2027 година.
Општина Аеродром информира дека процесот на консултации со граѓаните продолжува. Сите заинтересирани жители своите предлози можат да ги достават најдоцна до 2 декември 2026 година, преку електронската адреса budget2027@aerodrom.gov.mk или непосредно во урбаните и месните заедници.
Општина Аеродром останува посветена на транспарентно креирање на буџетот, со активно вклучување на граѓаните во утврдувањето на приоритетите и планирањето на идниот развој на општината.
