Веќе нема ‘европска перспектива’ за Балканот. ЕУ би требала да размисли што може наместо тоа да му понуди на регионот, коментира угледниот германски весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, а пренесува МКД.мк.
Најавената оставка на Зоран Заев на премиерската функција, според авторот на коментарот Михаел Мартенс, е од оние настани, кои во моментот не предизвикуваат големо внимание, но отпосле ќе се покаже дека биле со далекусежни последици, „како пример за тоа, како Европската Унија го прокоцка своето надворешно-политичко влијание на сопствениот континент“. Оставката го одразува и неуспехот на политиката за проширување, која е еден од централните проекти на Унијата. „Заев својата политичка судбина ја поврза со надежите во ЕУ, како ниту еден друг политичар во регионот“, издејствува и промена на името на Македонија и беше пофален од сите страни во Европа, пишува Мартенс.
Тој потсетува дека и германската канцеларка Ангела Меркел во 2018 година го посети Скопје за да го поткрепи Заев во спроведувањето на таа намера. Пораката што таа ја пренесла од Европа, во коментарот на ФАЦ вака е опишана: „Ако вие ја прекрстите вашата земја и така ја задоволите Грција, членката на ЕУ, ние ќе ви дадеме шанса да преговарате за пристапување кон ЕУ. Дали тогаш навистина сте зрели за пристапување, ние подоцна ќе решиме“.
Но, штом го направи тој, како што вели авторот Мартенс, непопуларен чекор, Европа му го сврте грбот на Заев. Тој потсетува на блокадите од Франција и од Бугарија, при што само француските аргументи ги смета за важни и оправдани – дека Европа и со 27 членки тешко донесува решенија, со уште повеќе дотолку потешко! Авторот смета дека ЕУ и земјите-членки треба да признаат: „Старото тврдење, дека ЕУ ќе биде комплетна дури кога и Балканот ќе припаѓа кон неа, веќе не важи“.
„Најдоцна по случајот со Заев едноставно е недостојно продолжување со празната реторика за проширувањето, која се состои само уште од фрази. За Балканот веќе нема ‘европска перспектива‘, барем не ако со тоа се мисли на членство во ЕУ и барем не без претходна реформа на постапката за гласање во ЕУ. И бидејќи тоа е така, ЕУ би требала да размисли што може да му понуди на регионот под прагот за целосно членство“, за сепак да ги врзе за себе балканските земји, да остане влијателна и да не остави простор за актери како Русија и Кина.
Авторот на коментарот Михаел Мартенс заклучува дека сигурно ниту еден политичар на Балканот во догледно време нема да појде по стапките на Заев и заради ЕУ да преземе политички ризик, оти, како што вели на крајот од коментарот, „луѓето не се глупави“.