Министерката за надворешни работи на Словенија, Тања Фајон денеска изјави дека Европската унија мора да ги заштити своите надворешни граници доколку сака да се зачува Шенген зоната.

Таа на заедничката конференција со нејзиниот австриски колега Александар Шаленберг укажа на зголемувањето на илегалните гранични премини долж западнобалканската рута и рече дека борбата против илегалната миграција и трговијата со луѓе е важна, пренесува СТА.

Шаленберг укажа и на важноста на соработката меѓу земјите и додаде дека единствениот успешен пристап за решавање на овој проблем е единството.

„Четвртина од земјите од Шенген веќе спроведуваат гранични контроли, што покажува дека системот не работи како што треба“, рече Шаленберг.

Зборувајќи за војната во Украина, австрискиот министер за надворешни работи повика на воспоставување праведен и траен мир со почитување на украинскиот суверенитет. Фајон се согласи со Шаленберг и повика на мир и стабилност во регионот.

Кога станува збор за Западен Балкан, официјалните лица рекоа дека го делат ставот дека земјите треба што поскоро да влезат во Европската унија, а шефот на словенечката дипломатија повика на забрзување на процесот на проширување.

Таа укажа на посветеноста на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, за подготвеноста за проширување на ЕУ на Западен Балкан до 2030 година, но изрази загриженост дека со сета нестабилност во регионот, постои ризик од нови тензии или конфликти во регионот.