Полицијата поднесе кривична пријава против две лица и едно правно лице од Прилеп поради сомнение за злоупотреби во АД „Тутунски комбинат Прилеп“. Според пријавата, преку невистинити фактури за услуги што реално не биле извршени била нанесена штета од над 1,4 милиони денари.

Од ОВР Прилеп соопштија дека кривичната пријава е поднесена против Г.К., 46-годишен, и Л.К., 54-годишен, двајцата од Прилеп, како и против едно правно лице од истиот град. Тие се осомничени за продолжени кривични дела поврзани со злоупотреба на службена положба, фалсификување службена исправа и фалсификување или уништување деловни книги.

Првопријавениот, како финансиски директор во АД „Тутунски комбинат Прилеп“, акционерско друштво со доминантен државен капитал, се сомничи дека од 2021 година до крајот на 2024 година, во договор со второпријавениот, ја злоупотребувал службената положба. Според полицијата, целта била да се оствари противправна имотна корист за себе, за второпријавениот и за правното лице.

Во пријавата се наведува дека биле примани невистинити фактури и испратници од правното лице, изготвени и заверени со печат од второпријавениот. Документите се однесувале на наводно извршени услуги, кои реално не биле извршени и за кои немало потпис за прием.

Понатаму, според полицијата, првопријавениот ги задолжувал службите во сметководството да ги евидентираат документите како обврски. Потоа тие биле повлекувани од книговодствената евиденција и одобрувани за исплата, иако за тоа не постоела реална основа.

Дополнително, од 31 мај 2023 година, исплатите на спорните фактури биле вршени преку сметка на друштвото на која првопријавениот бил единствен потписник. Таа сметка, според полицијата, била предвидена само за интервентни ситуации.

На овој начин биле исплатени вкупно 1.439.573 денари. Од нив, 874.540 денари биле исплатени преку сметката со единечен потпис.