Министерката за образование и наука Весна Јаневска уверува дека оптимизацијата на училишната мрежа нема да значи отпуштања на наставници. Одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието, таа рече дека наставниот кадар нема причина да стравува и дека никој нема насилно да биде избркан од работа.

„Наставниците не треба да се плашат. Никој нема насилно да ги избрка од работа, тоа е лага“, изјави Јаневска.

Министерката посочи дека во последните дваесетина години бројот на ученици е намален за 28 проценти, а само во последните седум години државата изгубила околу 17.000 ученици. Во истиот период, според неа, бројот на наставници е зголемен за 46 проценти, што било нотирано и од релевантни меѓународни институции.

„Како резултат на тоа, односот од 18 ученици по наставник се намали на 11,4 ученици по наставник. Тоа доведе до вишок наставен кадар од околу 13 проценти. Иако сметам дека во ниедна земја доктор и наставник не можат да бидат вишок, проблемот е што имаме училишта со три или пет ученици. Не станува збор само за трошоците, туку и за тоа што тие деца остануваат изолирани и несоцијализирани и постигнуваат послаби резултати на тестирањата“, рече министерката.

Јаневска додаде дека дел од наставниците добиле можност за преквалификација во кариерни советници или образовни асистенти, со цел да останат во образовниот систем. Таа потврди дека до училиштата е испратен допис за бројот на запишани првачиња, за да се подготват планови за формирање паралелки и да се направи анализа на состојбите.

„Оптимизацијата нема да се прави насилно. Училиштата се под надлежност на општините и градоначалниците. Никој нема присилно да остане без работа, но мора да почнеме да го решаваме проблемот кој ќе станува сè поголем“, рече Јаневска.

Според министерката, 124 училишта веќе престанале да функционираат по природен пат поради недостиг на ученици.