Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“, годинава од 13 до 18 јули, на неколку локации (паркот зад Младинскиот културен центар, киното „Фросина“ и летното кино на Кинотека) и под слоганот „Муви најт“, ќе прикаже околу 40 филмски наслови.
Во рамки на фестивалската програма ќе можат да се видат светски и македонски филмови и копродукции што ќе бидат распоредени во Официјалната селекција, Гала-програмата, SEE програмата, МК Shorts (кратки филмови) и Ретроспектива на филмови посветена на Дејвид Боуви како актер
„Филмот ‘М’ е дистописка приказна за едно дете, кое затворено во границите на заштитата на својата магична шума, живее низ годините не знаејќи што се случува со светот надвор. Чувано е и скриено од посесивен, строг, опседнат татко кој секако знаејќи дека е сè што му останало, се труди да го сочува од сознанието за надворешниот свет. Сè додека еден ден љубопитноста не го натера тоа дете да излезе од границите на таа шума, да истражи, да види што има зад тој забранет свет, каде што наоѓа едно другарче и почнува да истражува. Тоа истражување води кон одреден след на настани што ќе го доведат до една голема авантура.“
Со овие зборови режисерот Вардан Тозија накратко го опиша својот најнов долгометражен филм насловен „М“, со чија премиера на 13 јули, од 21 часот, во МКЦ паркот, ќе се отвори 22. издание на Меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“.
Продуцент на „М“ е „Фокус покус филмс“ од Скопје, а остварувањето е копродукција помеѓу Македонија, Франција, Косово, Луксембург и Хрватска. Како што посочи режисерот Тозија, на денешната прес-конференција во МКЦ, среќен е што филмот конечно ќе ја доживее својата премиера и тоа на фестивалот „Синедејс“.
„Поминаа четири години од завршувањето на снимачкиот дел на филмот, поминаа секакви етапи и периоди којшто беа малку повеќе од предизвикувачки за екипата, а за мене најмногу, но конечно го имаме филмот“, рече тој.
Улогите во филмот ги толкуваат Матеј Сиваков, Александар Ничовски, Сашко Коцев, Тони Михајловски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Оливер Митковски, Владимир Тулиев…
Актерот Сашко Коцев, пак, кој толкува еден од главните ликови рече дека, иако поминале повеќе години од снимањето, го пoмни исцрпувачкиот кастинг, но и сознанието дека по читањето на сценариото сфатил дека мора да ја добие улогата. „Тогаш бев многу среќен, но не се израдував докрај бидејќи во исто време ми потврдија уште два филма. И во истиот месец, беше август, снимав три филма. Тоа беше една актерска шизофренија, но на овој филм бев многу опуштен бидејќи имаше една здрава режисерска рака, и сигурен сум дека овој филм малку ќе ја дигне лествицата погоре“, рече Коцев.
Како што додаде тој, снимањето било напорно, но успешно, а тоа лето ќе го помни и затоа што работел со деца. „И ми доаѓаа моменти веќе никогаш да не прифатам да работам со деца, бидејќи во исто време снимав и една детска серија, на филмот ‘М’ бев татко на дете, и претходно играв нечиј татко. Дали остарев, се прашував, оти многу татковци ми се поклопија“, се пошегува Коцев.
Сценариото е потпишано од Вардан Тозија и Даријан Пејовски, кинематографер е Влатко Самоиловски, сценографијата е на Кирил Спасески-Кикич, а костимите на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек. „М“ претходно беше прикажан и во рамки на маркетот за филмски професионалци во Кан, како и на Берлинскиот филмски фестивал, а од септември ќе го започне и својот киноприкажувачки и фестивалски живот.
Инаку, годинава фестивалот „Синедејс“, под слоганот „Муви најт“, од 13 до 18 јули, на неколку локации (паркот зад Младинскиот културен центар, киното „Фросина“ и летното кино на Кинотека) ќе прикаже околу 40 филмски наслови. Во рамки на фестивалската програма ќе можат да се видат светски и македонски филмови и копродукции што ќе бидат распоредени во Официјалната селекција, Гала програмата, SEE програмата, МК Shorts (кратки филмови) и Ретроспектива на филмови посветена на Дејвид Боуви како актер. И годинава натпреварувачката програма е во селекција на Бернд Будер.
„Она што е обединувачко за ова издание на фестивалот е компактната програма во која ќе погледнеме наслови на Вим Вендерс, Кен Лоуч, Нани Морети, Аки Каурисмаки, Франсоа Озон, Александар Сокуров… Тука е и новиот филм на Горан Столевски, а имаме и пет премиери на македонски кратки филмови. Поради буџетските рестрикции програмата е тесно селектирана на сметка на квантитетот за да извадиме што подобар квалитет“, рече Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“ најавувајќи го фестивалот.
Како што посочи таа, две децении Синедејс го гради угледот на квалитетен меѓународен филмски фестивал, и е единствен домашен фестивал акредитиран од ФИАПФ, но годинава е со исклучително намален буџет. „Сепак професионалноста и ентузијазмот на тимот на МКЦ направи одлична програма со која не отстапува од своите големи и високи фестивалски амбиции, програма која ќе го направи и овој Синедејс ремек-дело со филмска програма, која повторно директно ја увезуваме од Кан, како први од сите фестивали во Европа“, додаде Арсова.
Од другите фестивалски содржини, организаторите го најавија и мастеркласот на Митко Панов и прикажување на филмот „Сведок“, како и двата мастеркласа на Јуре Матичич, програмски раководител на „Местни кино Домжале“ Словенија и гуруто за презентација и ‘пакување’ на филмови Габриеле Бруненмајер, која работи како независен консултант за Мидпоинт институтот. Ги посочија и работилниците „Self-Tape и онлајн-кастинг во дигиталната ера“, која ќе ја држи Луси Ленокс, наградувана кастинг-директорка, и „Основи на филмскиот јазик“, наменета за деца до 15 години, која ќе ја води Саша Станишиќ, дипломиран филмски и ТВ-режисер. На Синема форумот годинава ќе се разгледуваат новите предизвици на кинодистрибуцијата, за да се иницираат нови начини за подобрување на дистрибутерската и киноприкажувачката дејност и да се разгледаат можностите за иновации и развој на нови бизнис-модели. Mузичката програма на фестивалот – Синемјузик (Cinemusic), пак, годинава го најавува концертот на скопскиот бенд Културно-уметнички работници, кој неодамна го издаде својот седми албум, потоа Педро Кастиљо и белградскиот експериментален бенд „Визељ“.
Затворањето на фестивалот, на 18 јули, од 21 часот, во МКЦ парк, е со македонска премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски.