Натпреварот од Европските квалификации за пласман на Мундијалот во Катар меѓу Шкотска и Украина, што требаше да се одигра на 24 март, е одложен за јуни, одлучи организацискиот комитет на ФИФА, усвојувајќи го синоќа барањето кое на 3 март го испрати Украинската фудбалска федерација.
Украинската страна во барањето до ФИФА наведе дека „во овие услови не се во можност да организираат патување и тренинг на националниот тим“.
По консултациите со УЕФА и четирите репрезентации, кои се во групата А од дополнителните мундијалски квалификации, едногласно е одлучено во духот на солидарноста барањето на Украина да се прифати и натпреварот против Шкотска да се одложи за јуни.
Во истиот термин ќе биде одиграно и финалето во групата А, во кое победникот од баражот меѓу Шкотска и Украина за пласман на Светското првенство ќе игра против победникот од баражот меѓу Велс и Австрија.