Светското фудбалско првенство во 2026 година ќе донесе историски парични награди, откако вкупниот награден фонд за 48-те репрезентации учеснички ќе изнесува 871 милион долари. Сумата е речиси двојно поголема од онаа што беше поделена на Мундијалот во Катар во 2022 година.

Секоја национална федерација ќе добие финансиски средства според пласманот што ќе го оствари нејзината репрезентација на турнирот во САД, Мексико и Канада.

Репрезентациите кои ќе го завршат настапот уште во групната фаза ќе добијат по 12 милиони долари. За тимовите кои ќе стигнат подалеку, наградите ќе растат со секоја следна фаза од натпреварувањето.

Шампионот на Светското првенство ќе добие рекордна премија од 50 милиони долари, што претставува највисока награда доделена за победник на еден Мундијал во историјата.

Поразениот финалист ќе замине со 33 милиони долари, победникот во натпреварот за третото место ќе заработи 29 милиони долари, додека четвртопласираната репрезентација ќе добие 27 милиони долари.

Наградите според пласманот се поделени вака:

  • Од 33-то до 48-мо место (групна фаза): 13,225 милиони долари;
  • Од 17-то до 32-ро место (1/16-финале): 15,525 милиони долари;
  • Од 9-то до 16-то место (осминафинале): 20,125 милиони долари;
  • Од 5-то до 8-мо место (четвртфинале): 24,725 милиони долари;
  • Четврто место: 27 милиони долари;
  • Трето место: 29 милиони долари;
  • Финалист: 33 милиони долари;
  • Победник: 50 милиони долари.