Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) е во преговари за „сложена евакуација“ на фудбалерки и други спортисти од Авганистан по преземањето на власта во земјата од страна на талибанците.
ФИФА соопшти дека за тоа прашање е во координација со влади и релевантни организации.
– Раководството на ФИФА е лично вклучено во сложена евакуација на фудбалерки и други спортисти од Авганистан. Ова е голем предизвик и во оваа фаза не можеме да соопштиме детали имајќи ја предвид деликатната и нестабилна состојба на теренот, се наведува во соопштението на ФИФА.
Светската куќа на фудбалот на почетокот од овој месец побара од голем број светски влади помош во евакуација на авганистанските фудбалерки.
Австралиските власти во вторникот евакуираа 50 спортисти, откако изразија загриженост за нивната безбедност под талибанскиот режим.
Бројни авганистански фудбалерки се кријат во земјата.