Со цел да се остават уште неколку денови за едукација на членството во синдикатите, да бидат дадени два слободни платени денови на денот на вакцинација после претходна најава и следниот ден и последното барање е тие кои не сакаат да се вакцинираат и ПЦР тестот како алтернатива што треба да се прави секоја недела наместо на сопствен трошок да биде на трошок на работодавачите.За сите овие нивни предлози ќе дискутираме на утрешната седница на Владата.

Ова вечерва го изјави министерот за здравство Венко Филипче по состанокот со претставниците на Сојузот на синдикатите на Македонија и на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита. Појасни дека препораката за вакцинирање важи за вработените во јавните и во приватните институции.

Во однос на една специфична дискусија со претседателот на Синдикатот за здравство, посочи Филипче, се изнајде правниот основ врз основа на кој што може вакцинацијата да биде задолжителна кај здравствените работници.

– Има едни такви одредби кај правилникот за имунопрофилакса, имајќи ја предвид специфичноста на ситуацијата и тука мислам дека прикажавме кој е тој член од тој правилник, како и врз основа на што ќе биде дефинирана таа задолжителност за во следните 30 дена сите здравствени работници да се вакцинираат, рече Филипче.

Тој се заблагодари за поддршката која ја добил од синдикатите за мерките да се спроведат.

– Апсолутно се свесни за ризикот во кој се наоѓаме и тоа што можно е да не очекува во следниот период од повеќе месеци, имајќи предвид дека се уште во земјава не е присутен делта плус сојот на вирусот во земјава, кој прави огромни проблеми во околните земји и може да сериозно да го загрози здравствениот систем. Разговаравме за нивните укажувања и предлози, додаде Филипче.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Дарко Димевски рече дека стојат на нивните барања каде велат да има одложување од тие 15 дена, дека треба да разговараат со нивното членство и да кажат дека јавното здравје е пред се.

– Почнувајќи од мене јас сум вакциниран и не гледам зошто и другите да не се вакцинираат. Како што кажа министерот утре на Влада ќе се разговара по нашиот предлог каде велиме „доколку работникот не може или не сака да се вакцинира тие ПЦР тестови за да може тој да ги врши неговите работни задачи да паднат на товар на работодавачот“, што е сосема фер. Исто така и еден стимултивен дел најдовме каде велиме „секој работник што ќе се вакцинира денот на вакцинација и денот после тоа да му бидат платени слободни денови“. Гледаме фер пристап и зошто да не го направиме тоа, истакна Димевски.

Претседателот на Самостојниот синдикат за здравство, фармација и социјална заштита, Љубиша Каранфиловски рече безбедноста и здравјето на населението го ставиле како главен приоритет и како резултат на тоа вакцинацијата нема алтернатива.

Потенцира дека имале проблем во делот дали има законска т.е.правна основа за да може да биде задолжителна вакцинацијата за здравствените работници и добиле информација дека во овој момент согласно и тоа што го кажал министерот за здравство дека според правилникот за имунопрофилакса може да се примени задолжителноста кај здравствените работници.

– Факт е дека има одредени подобрувања во делот на мерките како наши предлози. Тоа е она што го кажаа – мерката од моментот на донесување да важи после 15 денови со цел да се остават уште неколку денови за едукација на членството во синдикатите, за здравствени работници останува оној дел од 30 дена да се вакцинираат да видиме каква ќе биде состојбата на терен, колку ќе ја сфатат сериозноста во делот на самото вакцинирање по однос одлуката која ќе се донесе утре. После 30 дена останува како поволност да можеме да видиме што после тоа ако се соочиме со тоа наши вработени да не успеат да се вакцинираат во тој рок од 30 дена или ако има непочитување на таа одлука. Тоа го договоривме после тие 30 дена. Како што кажа и министерот за здравство очекуваме дека делта плус сојот е на повидок како четврти бран и останува вакцинацијата да биде и главниот приоритет, додаде Каранфиловски.

На прашање колку вработени во здравството се невакцинирани рече дека точниот податок можеби го немаат. Во моментот имаме и многу прележани здравствени работници кои имаат антитела и претставуваат заштита за пациентот во делот на контактот, бидејќи основната идеја во делот на вакцинирањето односно задолжителноста за здравствените работници е тие да бидат безбедни кон пациентот. Во овој момент сметаме дека ќе биде мала бројката на оние кои до овој момент не се вакцинирани.

Во врска со нивното барање за бесплатен брз антигенски тест или тие кои го прележале вирусот наместо не постара од 45 дена да приложат потврда за шест месеци, рече дека тоа е стручен дел, ќе го одложат неговото елаборирање и ќе го оставаат на експертите.

Одговарајќи на новинарско прашање дали е прифатливо барањето на синдикатите ПЦР тестот за да биде на товар на работодавачите, Филипче рече дека за тоа утре ќе дискутираат на седница на Владата.

– Најбитната поента на вечерашниот состанок е дека имаме силна поддршка ваков еден процент да се имплементира, ваква една мерка да имплементираме. Сите сме свесни дека може да имаме период во кој болниците ќе бидат навистина преоптоварени. Ние сме должни да обезбедиме соодветно болничко место. Сега болниците се оптоварени од невакцинирани пациенти. Се надевам дека сликата ќе се смени. Има една интересна споредба меѓу Велика Британија и Украина. Над три пати повеќе новозаразени има во Велика Британија, а десет пати е поголема е смртноста во Украина. Разликата во опфатот во вакцинација е 70 наспроти 30 проценти. Тоа укажува колку е битен процесот на вакцинација, додаде Филипче.