Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на граѓанската трибина во Валандово истакна дека политиката треба да биде алатка за подобрување на животот на луѓето, а не кон пропаганда и лични интереси, укажувајќи на разликата во владеење на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ која стои зад малкумина, зад богати олигарси, и му го врти грбот на народот.

„Тоа е нашата борба – за поголеми плати на работниците, за минимална плата од 500 евра, за повисоки пензии, за земјоделците, за докторите, за наставниците, за младите, за Европа“, порача лидерот на СДСМ пред присутните.

Тој ги потенцираше резултатите од времето кога СДСМ ја водеше државата, кога платите и пензиите растеа, се воведоа антикризни мерки за зачувување на работните места и поддршка на семејствата, и кога државата беше вистински партнер на граѓаните во најтешките кризи.

„Минималната плата ја зголемивме од 8.000 на 22.500 денари, просечната плата од 22.000 на над 40.000 денари. Ја зголемивме пензијата, тројно ја зголемивме социјалната помош, се спасија над 80.000 работни места, а 20.000 компании беа заштитени од затворање. Семејства беа заштитени преку субвенционирање на сметките за струја. Тоа беа години кога државата стоеше зад човекот“, потенцираше Филипче на трибината на СДСМ и Коалицијата „Се бориме за нашиот дом”, во Валандово.