Претседателот на СДСМ Венко Филипче во интервју за „Тема на денот“ на Сител порача дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не се исти и дека разликата меѓу нив е суштинска.
– Не сме исти со организираната криминална група на Христијан Мицкоски. Напротив, дијаметрално сме спротивни. Ние сакаме држава напредна во којашто секој ја гледа иднината, а не ја гледаме државата како што тие ја гледаат – како плен – рече Филипче.
Филипче истакна дека СДСМ има подготвен тим, програма и програмска платформа. Тој најави дека во септември ќе биде претставен Мастер планот за Македонија, кој, како што посочи, ќе има пет до шест точки со конкретни решенија за најважните проблеми со кои се соочуваат граѓаните во следните две години.
– Сакаме да имплементираме политики за доброто на граѓаните, со стандард, плати, пензии, училишни, студентски додатоци, а не да купуваме нов авион како што сака Христијан Мицкоски – изјави Филипче.
Тој потсети и на мерките што, како што рече, биле преземени за време на ковид-кризата и енергетската криза, кога со две милијарди евра помош биле поддржани граѓаните и компаниите, биле зачувани десетици илјади работни места и била субвенционирана електричната енергија за повеќе од 600.000 семејства.
