Повеќе од 15 пожари на отворен простор се активни низ државата, а четири поголеми жаришта бараат сериозен ангажман на терен, соопштија надлежните институции. Најсложена е состојбата над кумановското село Никуштак во Општина Липково, каде пожарот се развил во два крака, од кои едниот се движи кон манастирот „Света Богородица“ над Матејче.
Пожарот кај Никуштак се шири во две насоки
Пожарот што вчера напладне избил кај последните куќи во Никуштак денеска повторно се разгорел под влијание на силниот ветер. Огнената линија се поделила во две насоки – едниот крак се движи нагоре кон манастирот над селото Матејче, додека вториот се враќа кон Никуштак.
На терен интервенираат околу 50 луѓе, меѓу кои тимови од ЈП „Национални шуми“, предводени од заменик-директорот Кире Михаилов, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување и кумановската противпожарна единица, како и локални жители. За заштита на првите селски куќи, кои се оддалечени стотина метри од огнот, донесен е и специјален БТР со шест тони вода.
Делумна контрола на пожарот во Мариово
Во мариовскиот регион, на територијата на општините Прилеп и Битола, пожарникарите и доброволните тимови воспоставиле делумна контрола. По ноќната акција на тежок планински терен, претходниот фронт од над 20 километри е намален на линија од еден до два километра кај селото Крушевица.
Околу Крушевица се направени противпожарни пресеци, а дежураат четири екипи со специјални возила на ДЗС и доброволци од Битола, Кочани и Виница. Вториот активен крак се движи кон селото Бонче, но според надлежните, населеното место не е загрозено поради концентрираните сили.
Намалени пожарите кај Драговдол и Китка
Кај селото Драговдол во Општина Македонски Брод пожарот е значително намален, но непристапниот терен оневозможува воздушно дејство или пешадиски пристап до одредени точки. Таму дејствува модул од 25 доброволни пожарникари и пет оперативци на ДЗС како поддршка на локалната единица.
Во Општина Студеничани, на потегот кон Китка, три ертрактори во два налета исфрлиле 20 тони вода врз остатоците од огнот во непристапен дол. Активноста таму е сведена на една изолирана точка, додека од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните веднаш да направат безбедносни земјени појаси околу куќите и имотите за да се спречи ширењето на огнот од искри.
