Министерот за здравство Венко Филипче соопшти дека до Владата ќе предложи сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа за да одат на работното место, да прикажат сертификат за барем една доза примена вакцина, направен ПЦР тест не постар од 72 часа на своја сметка, потврда за прележан Ковид-19 во последните 45 дена или потврда дека не можат да примат вакцина поради здравствени причини.
Kомисијата предлага и вакцината да биде задолжителна за сите здравствени работници.
-Препорачуваме до овие мерки да се приклучат и приватните компании. Ова впрочем го докажува и писмото што ни го доставија и стопанските комори, рече Филипче.
Тој вели дека овие мерки би стапиле во сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата, а здравствените работници имаат рок од 30 дена за да се вакцинираат.
Освен тоа, Комисијата предлага да се ажурира процесот за контрола на сертификатите, од страна на МВР и на пазарниот инспекторат, односно преку достапните апликации и QR кодовите на овие апликации да се проверува дали сертификатите што ги приложуваат лицата се валидни.
-Пред нас е зимски период, сезона на грипови, настинки, има пациенти со други болести, не е само ковидот, и од тие причини не можеме да го оптеретуваме здравствениот систем и не може болниците да се занимаваат само со ковид пациенти, рече Филипче.