Додека Украина, Молдавија, Црна Гора и Албанија напредуваат во процесот на европска интеграција, Македонија останува надвор од европската мапа и од агендата за проширување поради погрешните политики на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој оцени дека најавениот „супер вторник“ на 14 јули е доказ дека Европската Унија го задржува проширувањето високо на листата на приоритети, но дека Македонија не е вклучена во најавените активности.

– Следниот вторник, на 14 јули, ќе се одржат повеќе меѓувладини конференции за четири земји, кои очигледно се идни членки, а сега се кандидати за членство во Европската Унија. Ќе се отворат преговарачки кластери за Украина и Молдавија, а ќе се затворат повеќе поглавја, две односно три, за Црна Гора и Албанија. Со конкретни чекори Европската Унија покажува дека проширувањето е високо на листата на приоритети во нејзината агенда – рече Филипче.

Според него, последните пораки од ЕУ покажуваат дека Македонија повеќе не е дел од активниот процес на проширување.

– Вчера и од Европската Унија стигна доказ дека ние не постоиме на европската агенда. Очигледно е дека, благодарение на премиерот Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, ние повеќе не сме на тој пат – изјави Филипче.

Тој предупреди дека државата останува настрана токму во период кога поддршката за земјите-кандидати е силна и кога, како што рече, вратите на Европската Унија се поотворени од кога било досега.

– Наместо да се спроведуваат реформите и да се чекори напред кон Европската Унија, сега, кога очигледно вратите се отворени како никогаш досега и кога земјите-кандидати никогаш немале поголема поддршка да станат членки на ЕУ, ние остануваме настрана – рече лидерот на СДСМ.

Филипче тврди дека со таквата политика Македонија останува под влијание на држави кои немаат интерес земјата и регионот да се интегрираат во Европа. Според него, државата истовремено се оддалечува и од финансиските и економските текови што Европската Унија им ги става на располагање на земјите кои ги спроведуваат реформите и напредуваат кон членство.

– Остануваме под влијание на други земји кои немаат интерес регионот и Македонија да се интегрираат во Европа. Остануваме настрана од сите финансиски и економски текови кои, како поддршка, можат да дојдат од Европа за земјите што ги остваруваат реформите и се приклучуваат кон Европската Унија – изјави Филипче.

Како пример ја посочи Црна Гора, за која, според него, во следниот седумгодишен буџет на Европската Унија се предвидени повеќе од три милијарди евра неповратни средства.

Филипче додаде дека политичката изолација, за која го обвини премиерот Мицкоски, директно води кон економско назадување и создава ризикМакедонија да остане последна во регионот во процесот на европска интеграција.

– Политичката изолација носи економско упропастување на земјата. Со блокадата на европската иднина ризикуваме да останеме последни во регионот – порача Филипче.