Сопругата на 61-годишниот српски државјанин Љубиша Каровиќ раскажа како таа и уште двајца патници успеале да го задржат откако за време на лет со авион на „Рајанер“ од Солун пукнал прозорецот покрај неговото седиште, а половина од телото му завршило надвор од леталото. Каровиќ сега се наоѓа во болница, каде што закрепнува од повредите и претрпениот шок, а неговата сопруга Светлана Грковиќ во емисијата „Live News“ на грчката телевизија „Мега“ ги опиша драматичните моменти во авионот.
– Летавме веќе 30 до 40 минути кога одеднаш пукна прозорецот. Мојот сопруг седеше до прозорецот. Сè се случи за дел од секунда. Прозорецот пукна за време на летот и поради разликата во притисокот, половина од неговото тело заврши надвор од авионот – раскажа Грковиќ.
Според неа, во кабината веднаш настанала паника. Предмети летале низ авионот, се спуштиле маските за кислород, а исплашените патници не знаеле како да реагираат. – Сè леташе низ кабината. Паднаа маските за кислород, а никој не знаеше што да направи. Сите плачеа – изјавила таа.
Грковиќ најпрво заедно со нивна сопатничка се обидувала да го задржи сопругот, а потоа им помогнал и патник што седел во соседниот ред. – Ние двете го држевме, а потоа дојде господинот од редот покрај нас и заедно го влечевме за рака, додека половина од неговото тело беше надвор од авионот – раскажа таа.
За време на инцидентот, Каровиќ трипати се онесвестил. Според грчките медиуми, клучна улога во неговото спасување имал и сигурносниот појас, бидејќи во моментот кога пукнал прозорецот бил врзан за седиштето.
По инцидентот, екипажот го сменил курсот на авионот и безбедно слетал на аеродромот „Македонија“ во Солун, по што патниците биле евакуирани од леталото. Повредениот 61-годишен маж, како и лицата што му помогнале да не испадне од авионот, биле пренесени во болница.
Од Генералниот конзулат на Србија во Солун претходно потврдиле дека лекарите ја проценуваат сериозноста на повредите и неговата здравствена состојба. Според достапните информации, Каровиќ не се наоѓа во животна опасност.
Грчките медиуми пишуваат дека при слетувањето дел од оштетениот мотор наводно се одвоил и удрил во прозорецот на патничката кабина. Истражните органи продолжуваат да ги проверуваат сите околности и причините за инцидентот.
