Финансиската полиција потврди дека извршила контрола во Управата за државна лотарија во рамки на тековната истрага за случај вреден 2,6 милиони евра. Додека деталите се оскудни, извори од Финансиската полиција ја потврдија оваа информација. Истрагата се фокусира на изнајмување на имот кој според истражувањето на Радио Слободна Европа и неделникот „Фокус“ бил поврзан со лица блиски до функционери од ДУИ, поточно синот на пратеникот Исмаил Јахоски. Договорите за закуп на имотот ги потпишал директорот на Државна лотарија Перпарим Бајрами.
Финансиската полиција кусо соопшти дека се одземени документи кои потенцијално ќе служат како доказен материјал, но поради чувствителноста на истрагата не може да се соопштат дополнителни информации.
Државната лотарија е во центарот на вниманието поради набрзина спроведените законски измени одобрени од Владата, со кои се отвори пазарот за онлајн коцкање. Според владината одлука, формирани се три нови акционерски друштва кои ќе вршат надзор на игрите на среќа, при што во Државниот одбор за лотарија и новата Видеолотарија се именувани партизирани поединци претежно вработени во министерството предводено од Артан Груби.
Извор: Алсат