Процесот на воена интеграција на  Македонија во НАТО започна по потпишувањето на Протоколот за пристапување на нашата земја во Алијансата. Процесот на воена интеграција го следеше, координираше и имплементираше работна група составена од експерти, која работеше во седум области и тоа: администрација, опремување и модернизација, структура на сили, едукација, обука, вежби и евалуација, логистика и медицина, интеграција на системот за воздушно набљудување со системот на НАТО и комуникациско-информациски системи и сајбер одбрана.

По серијата консултативни состаноци, во ноември 2020 година се одржа Првата годишна конференција за интеграција на која беше заклучено дека процесот се одвива согласно планираната динамика и дека и покрај предизвиците од пандемијата, военото интегрирање на Северна Македонија во НАТО ќе заврши есента, 2021 година.

Во јуни 2021 година следеше и Втора годишна конференција на која беше истакнат значителниот напредок кој го направи нашата земја во овој процес и уште еднаш беше потврдено дека земјата ќе биде целосно воено интегрирана во НАТО во зацртаниот период – до есента 2021 година.