Иако првично предвидениот буџет изнесуваше девет милиони денари, поради големиот број квалитетни проекти, ФИТР обезбеди дополнителни средства, со што финансирањето изнесува речиси 12 милиони денари, додека поддржаните институции ќе вложат околу 2,5 милиони денари сопствени средства.
Трите проекти, лоцирани во техничкиот кампус во Скопје, ќе обезбедат пристап до современи технологии за средношколци, студенти и млади. Една од активностите, како што беше посочено на денешната панел дискусија на која беа објавени добитниците на финансиска поддршка на предизвикот за воспоставување лаборатории за производство FAB LABS „Младите создаваат“, ќе им биде менторство со обуки на средношколците, студентите и младите, додека на компаниите ќе им служат како отскочна штица за развивање на производи за кои немаат доволно кадар или услови.
-Овие три проекта уште при првата оценка избија на површина, беа одлично направени и ги задоволуваа сите критериуми кои се бараа во повикот. Сите три проекта имаа писма за поддршка од реномирани компании и институции што дава верба дека ќе бидат реализирани успешно, рече Јадранка Аризанковска од Стопанската комора, која е член на Комисија за оценување и избор.
Побара во лабораториите средношколците, студентите и младите да бидат вклучени веднаш уште од самиот почеток со цел подоцна полесно да можат да се вклучат во процесот на производство на компаниите во кои ќе се вработат.
Како што рече Игор Јорданов од Здружението „Ино тех клуб Штип“, чија лабораторија ќе биде лоцирана во просториите на Технолошкиот факултет во Скопје, предизвик ќе им биде да најдат и да формираат добри тимови во кои 40 отсто ќе бидат девојки, како и да ги поврзат со нивните ментори тимовите со, нагласи, квалитетни и добри идеи. За тоа, посочи, ќе им треба поддршка од ФИТР во делот на вмрежувањето и промоцијата, како и конекција со субјектите кои веќе ги имаат.
За Огнен Тутески од Центарот за истражување, развој и континуирано образование ЦИРКО ДООЕЛ Скопје чија лабораторија ќе биде на Машинскиот факултет, предизвик ќе биде да се оспособи просторот кој им го доделиле од факултетот и да се зголеми, како што рече, видливоста на лабораторијата. За тоа побара и поддршка од ФИТР во делот на маркетинг и промоција. Неопходна, додаде, ќе им биде и административна поддршка од ФИТР за да можат да ги пренесат нивните искуства.
Живко Коколански од Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ) при УКИМ рече дека еден вид предизвик е пандемијата, но главен предизвик, посочи, ќе им биде набавката на специјалната опрема и градбата на комплетно нов простор од 100 квадратни метри во кампусот во кој ќе биде сместена лабораторијата. Побара трите лаборатории да бидат поврзани и со останатите корисници на ФИТР.
Заеднички беше оценето дека е потребно фаб лаб лабораториите да ги има низ целата држава, а не само да бидат сконцентрирани во Скопје. За тоа ги повикаа и останатите универзитети од внатрешноста во земјава да аплицираат на слични повици.
Катерина Кречева, раководител на Секторот за програми во областа на образование, истражување, развој и иновации при ФИТР, посочи дека Фондот првпат оваа година објави повик за финансирање на иновациска инфраструктура што подразбира технички просторни услови кои ќе им овозможат на средношколците, студентите и младите пристап кон најнови технологии како што се 3Д печатачи, ласерски и ЦНЦ машини на кои тие апликативно би можеле да ги применат своите знаења и да ги реализираат своите идеи во прототип до серија на малосериско производство.
Центарот за истражувања, развој и континуирано образование (ЦИРКО) кој е основан од Машински факултет – Скопје (МФС) ќе ја воспостави „FabLab Skopje“, во која на располагање ќе бидат ставени дигиталните библиотеки на МФС, како и две други лаборатории каде се наоѓаат индустриските 3Д принтери, машините за обработка на полимери, обработка на метали и опремата за испитување на механички карактеристики. Примарна целна група ќе бидат средношколците, студентите и дипломираните млади лица, а како секундарна: професионалците-поединци, компаниите, дизајнерите и креативците, како и наставниците во средните училишта. Предвидена е физичка пристапност и за лица со попреченост во движењето, како и за лица со попреченост во слухот. Планирани се и посебни активности со кои ќе се промовираат техничките науки (STEM) кај женската популација од различни старосни групи.
„ФЕИТ ФабЛаб“ која ќе ја воспостави Факултетот за електротехника и информациски технологии-Скопје, ќе понуди основни и напредни курсеви и менторство во повеќе области како што се: моделирање за 3Д печатење и работа со 3Д печатач, практична електроника и вградливи микрокомпјутерски системи, слободен и отворен софтвер и други. Во рамките на лабораторијата ќе продолжат да се организираат: летна школа за дизајн на вградливи микрокомпјутерски системи, работилница „Технологија за тебе”, студентска програма Innovations in Smart Anything Everywhere – INNO-SAE, РобоМак – меѓународна работилница за роботика и вештачка интелигенција и летна школа за мултимедиски технологии.
Приходите кои ќе бидат обезбедени од средствата добиени преку експертската помош на кадарот на ФЕИТ, како и користењето на лабораторијата од страна на заинтересирани корисници од приватниот сектор кои лабораторијата ќе можат да ја користат како one-stop-shop за свои сопствени развојни и истражувачки потреби, ќе бидат вложени во понатамошниот развој и обезбедување на одржливост на лабораторијата.
Третиот поддржан проект „Inno Fab Lab“ ќе го спроведува ИНО ТЕХ КЛУБ Штип, со што ќе им се овозможи на педесетина креативни средношколци и студенти да се вклучат во работа на конкретни проекти кои ќе резултираат со развој на најмалку шест продукт-прототипи. Лабораторијата ќе биде лоцирана на Технолошко- металуршкиот факултет во Скопје а тимовите ќе бидат составени од 6-8 млади луѓе, со главен предуслов најмалку 40% од членовите на тимот да бидат девојки. Во текот на четири месечното менторирање, во „Inno Fab Lab“ лабораторијата за производство, тимовите ќе имаат можност да ги надградат своите технички знаења и вештини, да стекнат искуство со тимска работа и да научат како да развијат идеја до продукт-прототип