Има потенцијал за продлабочување на соработката меѓу Полска и Македонија, ова се дел од насловите во полските медиуми по бизнис форумот што минатитот петок се одржа во Скопје на кој присуствуваа над 60 македонски и полски компании и 20 стопанственици од Полска.

На Полско – македонскиот бизнис форум присуствуваше и полскиот претседател Анджеј Дуда кој изјави дека двете земји имаат слични предизвици поврзани со трансформацијата на енергијата со ниски емисии, развојот на обновливите извори на енергија и енергетската инфраструктура.

Полските медиуми дадоа особен акцент и на Меморандумот за разбирање што го потпишаа директорите на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот и Полската Агенција за инвестиции и трговија, Дејан Павлески и Кшиштоф Дринда.

-Меморандумот е прв чекор за интензивирање на соработката меѓу Северна Македонија и Полска, како и избалансирана и зголемена трговска размена, пренесоа полските медиуми од дел од обраќањето пред присутните на бизнис форумот на директорот Павлески.

Полските медиуми ја пренесоа и изјавата на Пендаровски.

-Со Полска и полскиот народ имаме традиционално добри односи, а меѓу двете земји нема отворени прашања, туку само отворени можности. Не смееме да чекаме подобри времиња за да ја почнеме соработката. Подобрите времиња ќе дојдат само ако час поскоро почнеме да соработуваме. Меморандумот за разбирање ќе овозможи зголемена динамика во соработката. Очекувам бизнис заедниците на двете држави да ја искористат оваа можност, истакна шефот на македонската држава.

Медиумите во Полска објавија и дел од изјавата на претседателот Дуда кој пред инвеститорите на форумот рече дека македонската економија генерално се смета за најконкурентна во регионот, земјата е одлично место за лоцирање на големи странски инвестиции.

-Ова го препорачувам особено на полските инвеститори со долгогодишно искуство во индустријата, енергетиката, рударството, туризмот, заштитата на животната средина и земјоделството, потенцираше Дуда на Форумот. Анджеј Дуда истакна дека странските компании се повеќе инвестираат во Северна Македонија, на пример, во екстракција на суровини или во автомобилскиот сектор, пишуваат полските медиуми и додаваат дека земјата лоцирана во срцето на Балканот, не само што е добро место за започнување на поширока, регионална економска експанзија, туку најмногу од сè е добар пазар за тестирање на нејзиниот извозен потенцијал, се дел од коментарите на полските новинари.Текстилната, прехранбената и ИТ/ИКТ индустријата се потенцирани сектори со големи можности за полските инвеститори.