Во обраќањето пред пратениците во Стразбур, Фон дер Лејен рече дека неодамнешната пресуда на Уставниот суд на Полска претставува закана за основните принципи на блокот.

Европската унија е во конфликт со Полска поради одлуката на Варшава да воведе промени во судскиот систем на земјата, што и даваат на владата поголема моќ над судовите. Уставниот суд на Полска неодамна пресуди дека националното законодавство е над она на ЕУ. Унијата го смета овој потег за недемократски, додека владејачката Партија на правото и правдата вели дека промената била неопходна за реформира на неефикасниот систем.

Полските лидери испратија порака до ЕУ пред денешното обраќање на премиерот Матеуш Моравијецки пред Европскиот парламент: – Не подлегнуваме на уцени, рече Јарослав Качински, де факто лидер на земјата и водач на владејачката Партија на правото и правдата.

Иако Полска и владеењето на правото не се на дневен ред за состанокот на лидерите оваа недела, холандскиот премиер Марк Руте рече дека ќе инсистира на замрзнување на средствата за Полска. Меѓутоа, германската канцеларка Ангела Меркел веќе ги предупреди земјите од ЕУ и Европскиот парламент да не брзаат да ги блокираат средствата за опоравување на Полска.

Европскиот парламент, исто така, врши притисок врз претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лејен, да дејствува против Полска, или со блокирање на парите за помош за опоравување поради пандемијата или со воведување нов механизам што ќе го поврзе финансирањето на ЕУ со критериумите за владеење на правото.