Словенечкиот премиер Јанез Јанша вчера во Парламентот рече дека ако продолжат негативните трендови, општеството и економските активности ќе треба да се затворат.

Причината за повторното ширење на инфекцијата ја гледа во прениската стапка на вакцинација, но и недозволивите јавни собири и протести и предупреди дека ширењето на епидемијата во Словенија во последните неколку дена е најбрзо во Европа.

Инфектологот Матеја Логар, која ја предводи владината експертска група за борба против Ковид-19, изрази надеж дека нема да бидат потребни нови ограничувања бидејќи трендот може да се забави, со оглед на тоа што образовните институции ќе бидат затворени цела наредна недела поради првите училишни распусти оваа учебна година. За оние кои ќе ги посетат гробиштата на 1 ноември за Денот на мртвите, таа препорача воздржаност, односно да го сторат тоа во семејниот круг и без поголеми собири и дружења.

Според неа, би било добро евентуалните ограничувања да се поврзат со бројот на пациенти со коронавирус во ковид-одделенијата, односно кога нивниот број во земјата ќе надмине 150, што е за 30 пациенти повеќе од моменталната состојба.

Според податоците на Министерството за здравство, во моментов во болниците има 418 пациенти, од кои на 120 им е потребен интензивна нега, а само девет проценти од оние на интензивна нега се вакцинирани, рече Матеја Логар.

Министерството за здравство во Љубљана денска објави дека 1.669 заразени лица биле откриени за24 часа со 5.230 тестови, што значи дека речиси една третина од тестираните биле позитивни. Досега, најмногу позитивни наоди беа регистрирани на 28 декември минатата година, во екот на вториот бран на епидемијата, кога 30 проценти од тестовите беа позитивни.