Денеска во Владата се одржа настанот „Демографски трендови – Заедничка акција за инвестирање и искористување на човечкиот капитал“ на кој премиерот Христијан Мицкоски истакна дека петгодишната програма на Владата и Фондот за население на ООН не е само документ, туку конкретен план за дејствување и стратегија за иднината на државата и граѓаните.
„Нема градинки без деца, нема училишта без ученици, нема универзитети без студенти, нема спорт без спортисти, нема земјоделие без земјоделци, нема општини без граѓани. Нема економија без работна сила, нема потрошувачка без потрошувачи, нема ништо без луѓето, нема ништо без народот и демографија. Демографската рецесија не е нов феномен, таа трае повеќе од 70 години. Во 1950-та година имало над 50.000 новородени бебиња, во 2024-та имаме само околу 16.000 новородени бебиња. Кога овие деца ќе одат во прво одделение значи дека ќе имаме околу 150 училници празни, 250-300 наставници ќе останат без работа. Тоа е резултатот од оваа рецесија“, рече Мицкоски.
Премиерот ја посочи и главната причина за падот на бројот на население: природниот процес и намалениот наталитет, како и потребата од економски раст и поддршка за семејствата.
„Создадовме највисок економски раст на Балканот во однос на нашиот БДП. Тоа значи нови работни места, поголеми плати, поголеми можности за младите. Инвестираме во иднината на семејствата – шест бесплатни обиди за инвитро со забрзана процедура, на товар на Фондот. Бесплатни учебници за учениците затоа што образованието е темел на демографскиот раст“, додаде тој.
Мицкоски истакна дека многудетните семејства мора да бидат приоритет на Владата.
„Нека ме нарекуваат конзервативен, заостанат, како сакаат, но ова мора да биде прв приоритет на оваа Влада и на сите следни влади. За бадијала ни се градинки ако нема деца, за бадијала ни се училишта ако нема деца, за бадијала градиме автопати и пруги ако нема кој да вози и кој да се вози по нив. Формирањето многудетно семејство е највисок патриотски чин на еден народ за сопствената татковина, без разлика на етничката или верската припадност. Ако сакаме да имаме иднина, ако сакаме да имаме држава која ќе се развива, семејството е одговорот на овој предизвик“, порача премиерот.