Денот на шегата е потсетник дека радоста, смеата и детската безгрижност се најубавиот украс на секојдневието. На 1 април, кога насмевките се најискрени а фантазијата нема граници, им даваме простор на децата да бидат токму тоа што се, креативни, разиграни и среќни, истакна во објава на Фејсбук, градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски по повод денешната манифестацијата „Априлијада“.

„По неколку години застој повторно ја вративме таму каде што припаѓа, кај нашите дечиња. ГТЦ беше исполнет со смеа, бои и енергија, создавајќи атмосфера што долго ќе се памети“, посочи Ѓорѓиевски.

Во рамки на програмата се одржа ревија на маскирани деца, збогатена со танцови точки и настапи на балетската секција при Детскиот културен центар – Карпош.

Публиката уживаше во изведбите на балетските студија „Брејк а лег“ и „Марбал“, како и во настапите на „Златните славејчиња“ и „Театар за тебе“, кои внесоа дополнителна магија на сцената.

Градоначалникот Ѓорѓиевски заедно со директорката на Детскиот културен центар, Билјана Лалчевска-Серафимовска доделија таблети на учесниците од ликовниот конкурс, како симболична награда за нивната креативност и труд.

„Возобнувањето на „Априлијада“ е порака дека ќе продолжиме да создаваме вакви моменти, бидејќи нашите деца го заслужуваат најдоброто“, порача Ѓорѓиевски.