Речиси еден месец откако се случи нападот во Ист Гејт се огласи Раде Штекли на својот Инстаграм профил. „Благословен сум“, „Една од петте рани“ и „Бог ги сака храбрите“, се пораките кои ги упати скопјанецот на својот Инстаграм.

Штекли по вторпат беше мета на напаѓачи. Кон него беше пукано и во август годинава, исто така, во „Ист Гејт Мол“. Засега сè уште нема осомничени, ниту уапсени лица од Министерството за внатрешни работи за двата случаи.

Раде Трајковски-Штекли, неофицијално се поврзуваше и со истрагата за убиството на младиот фудбалер Мартин Јанушев. Тој беше екстрадиран по апсење во Србија и одлежа 6-месечна затворска казна во Шутка за друго дело. По првичните сомнежи, во истрагата за убиството не беа најдени докази за Трајковски и тој не беше обвинет.

Штекли беше уапсен во Атина (Грција) во 2011-та како осомничен во Италија за местење на фудбалски натпревари. Трајковски тогаш беше екстрадиран во Италија каде имаше и судење за големиот случај со наместени натпревари во италијанскиот фудбал.

Инаку, МВР трага по сторителот. Непознатиот напаѓач, кој ги застрела Раде Трајковски – Штекли и неговиот 23-годишен придружник „Колумбо“ во трговскиот центар Ист гејт мол најверојатно имал соработник, пишуваа повеќе медиуми повикувајќи се на извори на истрагата.