Помош за Гостивар по забраната за пиење на водата испрати град Скопје, откако голем број граѓани побараа лекарска помош со симптоми на труење, а надлежните институции истражуваат што се случило со водата од градскиот водовод во градот, објави градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
-Во вакви моменти нема место за чекање – потребни се брза реакција, човечност и солидарност! Град Скопје веднаш испраќа цистерни со питка вода за жителите на Гостивар, со цел да им се обезбеди безбедна вода за пиење во периодот додека траат испитувањата и сè до целосно надминување на состојбата. Како претседател на ЗЕЛС, упатувам апел до сите мои колеги градоначалници, во рамките на своите можности, да понудат и испратат помош. Само обединети и солидарни можеме полесно да се справиме со оваа сериозна состојба и да им дадеме сигурност на граѓаните дека не се сами, објави Ѓорѓиевски.

