Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски се огласи на Фејсбук по повод печатената грешка на билбородот што беше поставен на влезот на Скопје. Тој во објавата напиша дека кој работи и греши и оти печатената грешка е веќе корегирана.
-Кој работи и греши, а ме радува кога најголемиот проблем во Скопје е печатена грешка. Тоа е така затоа што јас и мојот тим го слушаме гласот на граѓаните и ги решаваме нивните проблеми. Веќе нема заборавени маала и населби, работиме посветено и чесно во служба на граѓаните.

Според него, опозицијата очигледно нема ниедна сериозна тема па се занимава со ниски страсти.
-Ако нашиот најголем грев е печатена грешка, тогаш сме на одличен пат! Жално е што поминаа два градоначалнички мандати и никој не го промени знакот ,,Добредојде во Скопје”, кој руиниран стоеше така со години. Печатената грешка веќе е коригирана, а Скопје доби нов знак како што доликува. И за да нема дилеми, корекцијата градот не го чини ништо и трошоците се на компанијата – изработувач која го постави преку ЈП „Улици и патишта“, напиша Ѓорѓиевски во објавата на Фејсбук.
Претходно опозициската СДСМ преку соопштение критикуваше дека со погрешнииот билборд на кој коњот Букефал бил претставен со пет нозе, се нагрдил градот. -Ова не е прв пат ВМРО да го унаказува главниот град. Познато е дека токму ВМРО, преку проектот „Скопје 2014“, го обезличи градот со стотици споменици, фасади од стиропор и лавови кои немаа никаква историска или естетска вредност. Сега, наместо вистинско уредување и инвестиции, добиваме уште една кампања со AI-генерирани слики. Наместо реални резултати, ВМРО-ОКГ и Орце постојано прават кампањи. Сè е кампања, а резултати нема. наведе СДСМ во соопштение.
