На бензинските пумпи ширум државата во четвртокот попладнето се создадоа долги колони, откако на социјалните мрежи се раширија информации за можно истрошување на резервите од горива, иако надлежните институции и компаниите објавија дека имаат доволни залихи.

Граѓаните панично побрзаа да се снабдат со сите видови горива и во очекувањето од понеделник цените повторно да се зголемат, соодветено на растот на цената на нафтата на светските пазари. Некои освен во резервоарите на своите возила, полнеа и канистри, па дури и буриња.

Претходно и порталот Курир.мк објави фотографии од нивна обиколка во Скопје, кадешто може да се види колона од возила кои чекаат ред да наточат гориво.

Нафтени деривати има, трговците редовно набавуваат гориво согласно побарувачката, но дел од малите трговци не се однесуваат фер и ја ограничуваат понудата, со што оставаат впечаток дека нема гориво, изјавија за МИА од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ).

-На тој начин си прават „залиха“, која би ја продавале по нови цени што на некој начин во услови на криза е воено профитерство, посочуваат од РКЕ.

Од Комисијата нагласуваат дека во текот на денешниот ден добиле укажувања од поголем број потрошувачи дека одредени трговци на мало со нафтени деривати ја ограничувале количината, односно сумата до која го продаваат горивото што се точи во автомобилите.

-Некои бензински пумпи дозволувале до 500 денари да може едно возило да наполни гориво. Други пак не дозволуваат гориво да наполнат камионите. За состојбата РКЕ го извести Државниот пазарен инспекторат веднаш да ги засили контролите на терен кај трговците и да се оневозможи вакво непазарно однесување кое е недозволиво и забрането. Вештачки се нарушува пазарот и се прекршуваат основните принципи за сигурност во снабдувањето со енергија, додаваат од РКЕ.

Од најголемата нафтена компанија Макпетрол за Телма велат дека поради напливот од автомобили, во 15 часот на сите бензинските пумпи е дозволено да се точи секаков вид на гориво во вредност до 2.000 денари, а забрането е да се полни во туби и помошни резервоари. Ова е поради, како што соопштуваат од компаниите, да не се прават залихи од гориво од безбедносни причини, а и поради тоа што нема да има рестрикции.

Нема криза за снабдување со нафта и нафтени деривати. Има доволно резерви и кај трговците со деривати и во државните стокови резерви. Да не се прави паника кај граѓаните дека ќе има рестрикции на нафта и нафтени деривати, кажа министерот за екиномија Крешник Бектеши во денешното гостување во дневникот на Сител телевизија откако попладнево на дел од бензиските станици низ државата се создадоа колони на возила кои што чекаа на ред да наполнат готиво во своите резервоари.

-Се создава вештачка паника кај граѓаните што може дополнително да направи штета и дисбаланс на пазарот, изјави министерот Бектеши.