Дел од граѓаните кои претходно се пријавиле за вакцинација против Ковид-19 на сајтот vakcinacija.mk, сега пред почетокот на масовната вакцинација која треба да почне во вторник со пристигнувањето на 200.000 вакцини од Синофарм, добиваат СМС пораки со термин за во друг град од нивното место на живеење, пренесува порталот Фактор.

На Фејсбук групата „Ковид-19 Искуства и совети“ дел од нив разменија искуства за ваквиот проблем.

-Почитувани, молба за совет. Мојот родител доби порака за вакцинација во пункт “Биљанини извори” во Охрид, а со адреса на живеење сме во Скопје. Дали до сега му се случило вакво нешто на некого и дали има опција да се вакцинира во Скопје.

Луѓе кои живеат во Велес повикани се да се вакцинираат во Кавадарци, и така натаму.

Од МојТермин за ТВ Телма посочуваат дека СМС пораките се испраќаат на бројот кој е оставен за лицето при неговото пријавување за вакцинација.

-Доколку е пријавен преку vakcinacija.mk добива и е-маил. Ако е пријавен преку матичен лекар добива само СМС на бројот кој го има во неговото досие кај матичниот лекар. Пунктот за кој добил термин самиот го избрал или е избран од матичниот лекар. Доколку погрешно се пријавиле, може да се пријават уште еднаш, за да добијат нов термин или да се обратат на vakcinacija@zdravstvo.gov.mk. вели Жаклина Чагоровска, од националниот електронски систем „МојТермин“.