Соединетите Американски Држави и Израел во саботата извршија напади врз Иран, со што започна нова ескалација на Блискиот Исток. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека со нападот сака да ја елиминира безбедносната закана за САД и да им даде шанса на Иранците да ја сменат власта. Пентагон соопшти дека американската операција го носи кодното име „Епски гнев“, додека израелската страна ја нарекува „Лавовска рика“.
Иран возврати со ракетни напади кон Израел, соопшти израелската војска, а според информации, биле нападнати и неколку американски воени локации на Блискиот Исток.
По американско-израелските напади, и Иран и Израел го затворија својот воздушен простор.
Во видео-порака објавена на социјалните мрежи, Трамп се осврна на повеќедеценискиот спор меѓу Вашингтон и Техеран, вклучително и заземањето на американската амбасада во 1979 година, кога 52 Американци беа држени како заложници 444 дена.
Тој ги повика Иранците да останат во засолништа бидејќи, како што рече, „бомбите ќе паѓаат насекаде“.
„Кога ќе завршиме, преземете ја вашата влада. Ова веројатно е вашата единствена шанса со генерации“, порача Трамп.
Според американски воени извори, обемот на воздушните и поморските операции сè уште не е целосно познат, но се очекува кампањата да трае повеќе денови. Иран, пак, подготвува жестока одмазда, изјави ирански функционер за Ројтерс.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека заедничката операција ќе создаде услови иранскиот народ да ја преземе својата иднина.
Во меѓувреме, извор за Ројтерс потврди дека врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, не се наоѓа во Техеран и е сместен на безбедна локација.
Експлозии биле регистрирани во Техеран, додека во Израел се огласиле сирени за тревога поради очекувана ракетна одмазда. Израел го затвори воздушниот простор за цивилни летови, а бројни европски и светски авиокомпании ги откажаа летовите кон земјата.
Нуклеарниот спор во фокус
Нападот следува по 12-дневниот воздушен судир меѓу Израел и Иран во јуни и повторените предупредувања дека ќе има нови удари доколку Техеран продолжи со нуклеарната и балистичката програма.
САД и Иран во февруари ги обновија разговорите за дипломатско решение на нуклеарниот спор, но Израел инсистира дека секој договор мора да вклучува целосна демонтажа на нуклеарната инфраструктура на Иран.
Техеран, од своја страна, соопшти дека е подготвен да разговара за ограничувања на нуклеарната програма во замена за укинување на санкциите, но не и да ги поврзе тие разговори со ракетната програма. Иран исто така предупреди дека ќе се брани од секој напад и дека соседните земји со американски бази може да бидат цел на одмазда.
