Молкот, осаменоста и прошталната порака без одговор
Австрија се соочува со една од најголемите трагедии во поновата историја. Дваесет и едногодишниот Артур А. од Грац, вооружен со пушка и пиштол, во вторникот изврши масакр во своето поранешно средно училиште, убивајќи 10 лица, по што се самоуби. И покрај интензивната истрага, мотивот зад овој страшен чин останува нејасен.
(ВИДЕО) Трагедија во Грац: Најмалку девет мртви по вооружен напад во средно училиште
Според австриските медиуми, Артур бил тивок и повлечен млад човек, кој немал завршено средно образование. Очигледно се чувствувал изолиран, а се шпекулира дека можеби бил жртва на малтретирање. Овие сознанија само ги засилуваат претпоставките дека дејството можело да биде мотивирано од лични и психолошки фрустрации, можеби и одмазда.
Низ австриските медиуми се шират шпекулации за убиецот. Излегоа и првите фотографии.
Училиштен кошмар што никој не го предвиде
Наставникот по веронаука, Пол Ниче, сведочеше за ужасот што се случил пред неговите очи.
„Го видов Артур како очајно се обидува да влезе во една од училниците со пиштолот во рака. Беше во панична состојба“, рече Ниче.
Во текот на нападот, Артур упаднал во две училници во училиштето во Грац, една од нив наводно негова поранешна. По извршените убиства, се заклучил во тоалетот каде си го одзел животот. Подоцна, полицијата во неговиот дом пронашла и импровизирана експлозивна направа која, за среќа, не била активна.
Иако Артур оставил проштална порака, истражителите велат дека во неа не е наведена конкретна причина за нападот. Тоа дополнително ги продлабочува дилемите – дали можело нешто да се направи за тој да биде спречен навреме?
Австрија во жалост и трага по одговори
Грац тоне во тишина, додека граѓаните палат свеќи и оставаат цвеќе пред училиштето. Десет невини жртви – меѓу нив ученици и наставници – беа трагично одземени во нападот што сè уште е обвиткан во мистерија.
Полицијата и службите за безбедност се фокусирани на реконструирање на животот на Артур, обидувајќи се да ги поврзат сите индиции кои можеби укажувале на оваа закана. Но, за многумина, најтешкото прашање сè уште виси во воздухот: Како некој толку млад се одлучува за таков крај, носејќи со себе толку животи?