Министерството за трговија на САД на црната листа денеска ја стави македонската компанија Сајтрокс од Скопје, заедно со три други компании од Грција, Унгарија и Ирска, поради злоупотреба на комерцијален софтвер за шпионажа.
Софтверот за следење на комуникациите „Предатор“ којшто беше во центарот на меѓународен шпионски скандал бил незаконски развиен во Скопје од страна на компанијата „Сајтрокс“ и комплексна мрежа од фирми поврзани со израелскиот бизнисмен и поранешен висок воен чиновник од Израел Тал Дилијан, објави во април годинава ИРЛ.
„Документи од поранешната Управа за контраразузнавање од 2017 година покажуваат дека надлежните имале информации што се развива во Скопје, но ги затвориле очите. Софтверот бил продаван во Ерменија, Египет, Грција, Индонензија, Мадагаскар, Оман, Саудиска Арабија и други земји, а канадската универзитетска организација Ситизен Лаб во декември 2021 година откри дека супериорниот софтвер се користел за незаконско следење на граѓани“, пишува ИРЛ.
Освен македонската Сајтрокс, дел од црната листа се и унгарската компанија „Сајтрокс Холдинг“, „Интелекса“ од Грција и „Интелекса Лимитетед“ од Ирска.
Грчкото обвинителство отвори истрага за тврдењето на новинар дека неговиот паметен телефон бил заразен од софтвер за надзор во операција на разузнавачката служба на земјата.
Според исказот на новинарот во неговиот телефон бил внесен малициозен софтвер, „Предатор“ од „Сајтрокс“.
Обвинителството ги истражуваше навосите дека овој шпионки софтвер, се продава во Грција од грчката компанија „Интелекса“.
Покрената беше парламентарна расправа, при што беше сослушан грчкиот шеф на разузнавањето, како и тврдењето дека Интелекса“ работи со разузнавачки агенции во Југоисточна Азија и Европа.