Одомаќинети диви животни во населени места претставуваат голема опасност за населението, велат жителите на Галичник на кои мечки им шетаат во селото и дворовите.

За проблемот кој го имаат, велат уште во 2019 и 2020 година се обратиле до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за ловство, но и по пет години ништо не е преземено.

-Месната заедница Галичник повеќе пати сосем официјално се обраќа до Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство и до Државниот инспекторат за ловство укажувајќи на растечкиот проблем со присуство на мечки во Галичник. Дописи се доставени преку архивите на двете институции во 2019 и 2020 година, а минатата недела се обративме на службениот мејл на Инспекторатот. Апелираме надлежните да дејствуваат и да дадат насоки на локалното население. Одомаќинети диви животни во населени места претставуваат голема опасност за населението, истакнуваат Галичани.

Посочуваат дека од година во година расте бројот на мечки во овој регион. Велат, кај населението постои страв, но не бараат дозвола отстрел. Тоа, според нив, е последна опција за решавање на проблемот, но бараат одговор од надлежните за понатамошно постапување.