Затворска казна од шест месеци до пет години предвидува кривичниот законик за оној кој ќе уништи, оштети, отстрани, измени или ќе ги направи неупотребливи инсталациите за јавна употреба на вода, топлина, плин или енергија или инсталациите на системите за врски и со тоа ќе предизвика значително нарушување на редовниот живот на граѓаните или стопанското работење.

Жителите на Слупчане вчера ги уништија трафостаниците за снабдување со електрична енергија и направија дефект од највисок степен, поради што жителите од селото и пошироко останаа без струја. Тие не им дозволија на екипите на ЕВН да работат и го блокираа патот.

Од Министерството за внатрешни работи досега нема информација дали лицата кои ги уништиле трафостаниците се идентификувани и дали има поднесена некаква пријава. Полицијата, досега неколкупати асистираше на барање на ЕВН.

Од ЕВН денеска соопштија дека селата Слупчане и Оризари во општина Липково се уште се без напојување со електрична енергија. Од компанијата велат дека се додека не се создадат нормални услови за работа и се загарантира сигурноста на вработените на Електродистрибуција, нема да работат на санација на дефекти или да извршуваат редовни работни активности во овие села.

Како што велат, екипите на Електродистрибуција работеа цела ноќ на санација на дефекти при што е нормализирано снабдувањето со електрична енергија на селата Ваксинце, Алешевце, Руница, Извор и Белановце.

–Во текот на ноќта беше предизвикан нов дефект, исто така од мештаните на Слупчане, кој ги остави без струја селата Матејче, Виштица и Никуштак. Овој дефект е саниран и снабдувањето е нормализирано и во овие села. Дефектот на граничниот премин Табановце беше саниран вчера за кратко време, велат од компанијата.

Жителите на Слупчане испратиле барање до ЕВН во кое бараат да им се простат досегашни долгови кои изнесуваат по неколку илјади евра, да добијат бесплатни нови приклучоци, без разлика колку ќе потрошат во иднина да не им се фактурира повеќе од 3.000 денари, верските објекти да бидат ослободени од плаќање и слични други барања, кои како што велат од ЕВН, се спротивни на законските регулативи. Според податоците на компанијата загубите во Слупчане се 80 проценти а наплатата е 20 отсто.

Министерството за економија денеска ги повика сите граѓани во државата редовно да си ги подмируваат обврските кои ги имаат кон енергетските компании, како и дека секој граѓанин кој се снабдува со електрична енергија во државата има обврска да плати за електрична енергија толку колку што потрошил.