Апелациониот суд со правосилна пресуда утврдил дека СДСМ изнесувала невистини
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, во објава на Фејсбук, информираше дека Апелациониот суд со правосилна пресуда утврдил дека, како што вели, СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети за него, без докази и без основа.
„Во политиката постојат партии што се натпреваруваат со идеи и визија и партии што опстануваат преку клевети, лаги и фабрикувани конструкции. СДСМ одамна го избра вториот пат. Апелациониот суд, со својата правосилна пресуда, утврди дека СДСМ изнесувала невистини и тешки клевети за мене, без докази и без основа. Со оваа одлука, по потврдената првостепена пресуда, СДСМ и формално е судски утврдена како клеветничка партија, истакна Мицкоски.
Тоа, како што вели, што со години го претставуваа како „политичка борба“, денес било официјално констатирано како недозволено и спротивно на правната држава, според правосилната пресуда.
„Оваа пресуда јасно го разоткрива нивниот политички модел: наместо аргументи, напади; наместо програми, дискредитации; наместо одговорност, лаги пласирани во јавноста со цел да се нанесе штета. Политичката критика е легитимна и потребна. Клеветата и лагата не се политика, туку злоупотреба на јавниот простор. Македонија мора да се движи напред со политика заснована на вистина, идеи и одговорност, а не со фабрикации и лични напади. Оваа одлука за јасните клевети на СДСМ е жесток шамар и за сите нивни подизведувачи и гласноговорници. Истите кои ширеа гласини и правеа бичборд кампања против мене“, посочува Мицкоски.
СДСМ одбира да продолжи по тој пат на лаги, клевети и манипулации
Тој додава дека СДСМ одбирала да продолжи по тој пат на лаги, клевети и манипулации, надевајќи се, како што вели, дека ќе игра со чувствата на граѓаните, во ситуација кога дезинформациите и чувствата кои тие ги создаваат се побрзи од вистината и разумот. Ова може да се види и во нивната реакција на правосилната пресуда.
„Тие одлучуваат да продолжат да го потценуваат сопствениот народ. Тоа не е само одлука, туку е врвно предавство на моралот и вредностите во политиката и посебен вид предавство на сопствениот народ. Тие мислат дека така ќе успеат. Но времето ќе им докаже дека грешат. А народот ќе им докаже дека е посилен од нив и дека ваквите лаги нема никогаш да им пројдат“, порача премиерот.
Во прилог на објавата тој сподели фотографија од Правосилна пресуда на Апелационен суд Скопје, ГЖ-1778/24, 20.11.2025.

