Неколку месеци подоцна проблемите на студентите се уште остануваат нерешени. Топлата вода, храната, лифтовите се секојдневен проблем на студентите. Студентите раскажуваат низ какви ситуации се приморени да поминуваат секојдневно во време на испитни сесии, кога како што велат тие се подложни на стресови, а условите во студентскиот дом дополнително им го отежнуваат секојдневието. Тие нагласија дека е нереално во 21 век еден ваков студентски дом да поседува вакви услови.
– Во Кузман, како ќе ти се погоди денот така, некогаш јадењето е убаво има и топла вода, па можеби и греење ќе начекаш, но ужасно неодговорно е да не се обезбедат основни услови за живот на студентите. На пример сега еве веќе 10 дена лифтот не работи, комшиите од 7ми кат мака мачат, топла вода има само на некои спратови во машкиот дел, во женскиот дел е камен ладна водата. Сега тие што седат на повисоките спратови во женски дел треба да се симнат долу, па да се качат на некој спрат во машки дел каде што има бојлери за да се искапат. Навистина е неодговорно, особено за време на испитна сесија, кога на студентите буквално секоја минутка, секој час им е битен, надлежните да си играат со нив како со мали деца. Па минимум три пати треба да се симнеме за да јадеме во менза, секој ден пресметуваме како да го испланираме денот за што помалку пати да слегуваме и да се качуваме по скали затоа што лифтот не работи, вели во изјава за КУРИР еден студент од студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“.
Студентите очајни велат дека и новиот инвертар што се поставува или менува е неквалитетен. Појаснуваат дека овие чешми година дена наназад ги барале, за да по толку време добија вакви нефункционални.
Во врска со храната, студентите велат дека менито е непроменето, им се дава иста храна со денови, препржена, препечена или пак недозготвена.