Денеска на аеродромот во Петровец извршија прелет и слетаа два борбени авиони од типот Ф-35 на Националната гарда на Вермонт, како приказ на силното сојузништво и единство во Алијансата, како и на речиси тридецениското партнерство меѓу Армијата на Македонија и Националната гарда на Вермонт и подготвеноста на Алијансата да ја заштити безбедноста на своите земји членки.
На настанот присуствуваа и заменик амбасадорот на САД, Ерик Маер и потполковникот Џон Мекреј од Националната гарда на Вермонт.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во изјава за медиумите порача дека слетувањето на авионите Ф-35 на македонска територија е непобитен доказ дека Македонија е дел од нешто што е поголемо од сите нас и дека зад нашата безбедност и безбедноста на Алијансата стојат сите сојузници со своите капацитети и способности.
„Северна Македонија е дел од мисијата на НАТО за патролирање на воздушниот простор повеќе од една година. Овој елемент на интеграција во НАТО на националниот воздушен простор за нас е една од најважните активности на војската во мирновременски услови. Важно е да се истакне дека аеродромите во Северна Македонија можат да обезбедат поддршка за авионот Ф-35 во извршување на различни мисии во воздушниот простор на НАТО”, рече министерката.
Петровска се осврна и на стратешкото партнерство со САД, како и на партнерството помеѓу Армијата на Македонија и Националната гарда на Вермонт, кое трае речиси три децении.
„Овие напредни борбени воздухоплови се дел од 134-та борбена ескадрила на Националната гарда на Вермонт. Партнерството меѓу Северна Македонија и Вермонт отсекогаш било пример за соработка, пријателство и взаемна поддршка”, потенцираше Петровска.
Полковникот Џон Мекреј од Националната гарда на Вермонт порача дека ниту една земја самостојно ги нема ресурсите за да се справи со сите безбедносни предизвици и дека токму партнерствата ни ја даваат колективната сила и мудрост за да ги идентификуваме и со заеднички сили да ги надминеме заканите по нашата безбедност.
„Токму поради членството на Северна Македонија во НАТО како сојузник можеме да ја споделиме безбедноста која произлегува од мисиите за патролирање на воздушниот простор и брзо распоредување на напредни способности на платформата Ф-35, како што докажавме денес”, рече Мекреј.
Мекреј, укажувајќи на тридецениската врска помеѓу Вермонт и Македонија, истакна дека и Македонија дава свој придонес кон одржувањето на подготвеноста на силите.
„Северна Македонија обезбедува обука и ресурси за воздухопловните сили на НАТО преку воениот аеродром во Петровец и полигонот за обука Криволак кои ни се потребни за да ја одржиме нашата подготвеност. Воздухопловните сили на НАТО, пак, имаат шанса да тренираат заедно со вашиот Воздухопловен Винг и Армијата за да ја гарантираат сегашната и идната безбедност на Северна Македонија, на балканскиот регион и на Европа”, подвлече тој.
Авионот Ф-35 е едносед, едномоторeн, повеќенаменски борбен авион. Авионот има способности за електронско војување и разузнавање, надзор и извидување. Повеќенаменскиот борбен авион од петтата генерација е фокусиран на воспоставување на воздушна супериорност и реализација на мисии воздух-земја.
Двата авиони ќе извршат и прелет над главниот град Скопје во попладневните часови.