Министерот за здравство, Азир Алиу денеска ги посети просториите на Клиниката ТОАРИЛУЦ во Мајчин дом, каде е обезбеден нов најсовремен апарат дексаскен, наменет за навремена дијагностика и следењето на остеопороза.
-Пуштањето во употреба на новиот дексаскен во Мајчин Дом претставува значаен чекор во зајакнувањето на капацитетите на јавното здравство, особено во делот на дијагностиката на остеопорозата како сериозен јавноздравствен предизвик. Остеопорозата е состојба која, доколку не се открие навреме, може да доведе до тешки последици за пациентите, и токму затоа раната и прецизна дијагностика е суштински важна. Особено е важно што станува збор за апарат со пошироки дијагностички можности, кој ќе овозможи не само навремено откривање и следење на пациентите со остеопороза, туку и примена кај деца, проценка на вертебрални фрактури, како и кај пациенти со ендопротеза на колк, појасни министерот Алиу.
Нов апарат за дензитометрија, односно за мерење густина на коските, од денеска е ставен во функција на Ортопедската клиника „Мајчин дом“ во Скопје.

Проф. д-р Марта Фотева од Универзитетската клиника за ортопедски болести рече дека апаратот, кој е бил постар од 20 години, пред една година престанал да работи и со сопствени средства набавиле нов современ апарат за дензитометрија. Појасни дека секогаш за итни случаи имаат слободен термин, а за редовно снимање пациентите треба да закажат.
– Со овој нов апарат и со превентивните прегледи ќе може да се намали бројот на случаи со скршеници и ќе се направи заштеда за здравствениот систем. Се надеваме дека со Министерството за здравство ќе формираме регистар на пациенти со остеопороза за да може да ги следиме. Апаратот ќе се користи за научна апликација во рамките на Медицинскиот факултет – Скопје – истакна проф.д-р Фотева.
Средствата се обезбедени со заедничка координација на Клиниката, Фондот за здравствено осигурување, Владата и Министерството за здравство, а паралелно со набавката на апаратот е извршено и целосно реновирање на просторот, со што се унапредени условите за обезбедување квалитетни здравствени услуги.
