Од невремето кое го зафати Струмичко во попадневните часови поплавени се повеќе улици во долниот дел на градот околу улицата „Младинска“, како и повеќе подруми, а силниот ветар урна и неколку дрвја. Од села под планината Беласица има информации дека од градот настрадале посеви на отворено, а најмногу штети имало врз бостанот.
Спопред информациите од ТППЕ Струмица, тие досега имале осум интервенции и сите се за испумпување на вода од подрумските простории, а исто така интервенираат и екипи на „Комуналец“ на улици во градот.
Градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов потврди дека екипи на противпожарната единица и комуналното претпријатие се на терен и интервенираат на неколку локации во градот и превентивно низ населените места. Тој упати апел за смиреност кај граѓаните и ги повика тие што имаат поголеми штети предзвикани од невремето да ги пријават лично кај него или во Општината.