Претседателот и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски денеска присуствуваше на воената вежба „Брз одговор 22“, која се реализира од 2 до 20 мај на армискиот полигон „Криволак“, а чиј домаќин е нашата земја.

За време на посетата на „Криволак“, претседателот Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, беше брифиран за воената вежба „Брз одговор 22“ и ги проследи вежбовните дејства кои претставуваа комбинирани воздушни активности со падобрански скокови, хеликоптерски десант и авиони, во кои учествуваа вооружените сили на осум земји членки на НАТО.

Претседателот Пендаровски ги поздрави претставниците на специјалните единици и посочи дека оваа обемна вежба ја демонстрира колективната подготвеност на НАТО алијансата и претставува исклучителна можност Северна Македонија да ги покаже способностите и уникатните капацитети на полигонот „Криволак“ како современ тренинг центар за изведување на вежбовни операции според сите НАТО стандарди.

„Брз одговор 22“ е потврда дека и нашата Армија поседува сериозен капацитет да придонесе кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на евроатлантската област.

Вежбата има особено значење за развој на капацитетите на Армијата преку споделување на знаења, способности и вештини, како и зголемување на интероперабилноста со вооружените сили на сојузниците. Истовремено, придонесува за етаблирањето и афирмирање на „Криволак“ како меѓународен тренинг центар.

Во воената вежба на „Криволак“ учествуваат 4600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО: Албанија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, Северна Македонија, САД, Франција и Црна Гора. Во вежбата се вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери, а за време на вежбата се изведуваат над 700 падобрански скокови.

Вежбата „Брз одговор 22“ има за цел да ја демонстрира способноста за брзо распоредување на копнените сили на САД во Европа и Африка заедно со мултинационалните воздухопловно-десантни сили од Европа.