Станува збор за лицата П.М.(22), Д.П.(23), Ј.К.(21) и В.З.(24), сите од Неготино, во чии домови бил извршен претрес поради сомнение за сторени кривични дела „лихварство“, „изнуда“, „загрозување на сигурноста“ и „предизвикување на општа опасност“.

Како што информираат од МВР, притоа биле пронајдени повеќе предмети од извршените кривични дела.

Имено, пријавените давале пари на заем со писмени и усмени договори и притоа за себе договарале несразмерно високи камати, со цел противправно да се стекнат со материјална корист.

За да ја постигнат целта користеле закани, физичка сила, а на 9-ти месецов запалиле и автомобил, со што предизвикале пожар и општа опасност по околината.

Против нив ќе биде поднесена кривична пријава до надлежното основно јавно обвинителство по чл.260, чл.258, чл.144 и чл.288 од Кривичниот законик, а од страна на надлежниот суд им е одреден притвор.