Сатирични маски со пораки за настаните од изминатата година
Со традиционалното дефиле под маски денеска официјално започна дел од Вевчанскиот карневал, еден од најпрепознатливите настани во земјава. Маскираните вевчанци, почитувајќи традиција стара речиси 15 векови, на сатиричен начин ги прикажаа случувањата од изминатата година од јавниот, политичкиот и општествениот живот, како во државата, така и во светот.
Секоја маска носи своја порака, став или критика, насочена кон актуелните состојби во општеството, политиката или секојдневното живеење. Според верувањата, василичарите преку маскирањето го бркаат злото и прочистени ја дочекуваат Новата година според јулијанскиот календар, испраќајќи симболична порака за прекин на негативните случувања.
Како и секоја година, вевчанци остануваат верни на обичајот да не ги откриваат маските до самиот почеток на дефилето. Изработката, велат, е сложен и креативен процес, со рачно изработени маски и оригинални идеи кои го прават карневалот препознатлив и автентичен.

Театар на отворено без сценарио и режија
Денеска и утре Вевчани функционира како театар на отворено, без однапред подготвено сценарио и режија. Карневалот го организираат двете василичарски друштва „Горна маала“ и „Долна маала“, кои традиционално ја предводат поворката.
На чело на дефилето се зетот, невестата, двата ѓавола и Глупавиот Август, по кои следуваат бројни други маски, секоја со своја приказна и симболика. Дефилето започна од почетокот на селото и се движеше по главната улица до центарот, каде што маскираните го одиграа традиционалното василичарско оро.

Обреди, благослови и дочек на Новата година
По централното дефиле, василичарите ги посетуваат домовите на жителите, упатувајќи благослови за здравје и бериќет во новата година. Од домаќините се дарувани со луканци, леб, пари и други дарови, како дел од вековниот обичај.
Во текот на ноќта, заедно со соселаните, одат на Вевчанските Извори, од каде што земаат вода за подготовка на кашаник, зелник во кој се става паричка. Се верува дека оној кај кого ќе се најде паричката ќе има среќа и бериќет во текот на целата година.
Утре, на верскиот празник Свети Василиј Велики, василичарите одат на имендени во семејствата чии членови го носат името на светецот. Доцна попладнето сите учесници повторно се собираат во центарот на Вевчани, каде што се игра оро и симболично се палат маските, со порака дека злото нема да се повтори.
Новата година според јулијанскиот календар ќе биде дочекана вечерва со огномет во центарот на селото. За музичката програма се најавени настапи на Благоја Грујовски, Влатко Миладиновски со оркестарот на Златко Миладиновски, оркестарот со зурли и тапани „Вевчани“, како и Перо Бели и групата „Вип“. Манифестацијата започна синоќа со настапи на Влатко Лозаноски, рап-дуото „Пука козметика“ и „Брас брадрс“.

