Откако денеска беше договорено дека на иницијатива на градоначалникот Тимчо Муцунски и претседателот на Советот на општината Дејан Митески, фудбалскиот клуб Вардар ќе добие нов спортски терен во Аеродром каде ќе може да ги одржува подготовките, натпреварите и тренинзите, се огласија и Комити. Тие се заблагодаруваат на Општина Аеродром за конструктивната соработка и желбата да му се помогне на ФК Вардар.

Љубителите на фудбалот сведоци се на катастрофалната ситуација која моментално е присутна во македонскиот најтрофеен фудбалски клуб Вардар. Клубот се соочува со немање на основните потребни работи за да функционира како свој фудбалски стадион, финансиски проблеми, долгови и слично. Најголема штета од ова трпат играчите кои немаат земено плата со месеци.

На иницијатива на градоначалникот на Општина Аеродром Тимчо Муцунски и претседателот на Советот на општината Дејан Митески, фудбалскиот клуб Вардар ќе добие нов спортски терен во Аеродром каде ќе може да ги одржува подготовките, натпреварите и тренинзите.

Муцунски на својата фејсбук страна информираше дека денеска одржа средба со навивачката група „Комити”, која од неодамна е и сопственик на клубот.

Се огласија верните „Комити“ кои ќе отпочат постапка за стекнување на 25% од акциите на фудбалскиот клуб Вардар. Во продолжение целото соопштение на навивачката група за јавноста:

– Ја известуваме целокупната јавност, дека ние, навивачите на ФК Вардар, во договор со сопственикот на клубот Слободан Крстевски, отпочнуваме постапка за стекнување на 25% од акциите на клубот. Во склоп на договорот, членови на нашата група ќе станат дел од сите структури, и ВОЛОНТЕРСКИ ќе ги извршуваат сите тековни задачи, а се со цел нормално функционирање на клубот. НЕ ЗА ПАРИ – ЗА КЛУБОТ!

На ваков чекор се одлучивме од повеќе причини. Првенствено, затоа што не можевме повеќе да ја гледаме катастрофалната ситуација во која се наоѓа нашиот Вардар. Предолго веќе трае агонијата. Сите визии и планови кои ни беа презентирани се мртви. Сите рокови во кои требаше да бидат исполнети, се одамна поминати. Вардар низ годините, од спортски гигант, стана предмет за пресметка помеѓу разни струи, кои преку нашиот клуб единствено сакаа да си ги исполнат личните цели, кои по нас, немаат допирна точка со она како ние гледаме на работите, како ние гледаме на Вардар.

Како група помагавме и максимално се трудевме, клубот и покрај сите проблеми, да продолжи да функционира, да оди напред. Но, околностите во овој момент, бараат од нас радикална одлука. Главната цел на ваквиот наш чекор е целосно расчистување на долгот на ФК Вардар кон сите институции и физички лица, воспоставување на здрав долгорочен систем, во кој главен удел ќе имаат кадарните лица, чија главна цел ќе биде, спортскиот успех на клубот и создавање подобра иднина, за која сите ние заедно ќе треба да се избориме!

Ќе тропнеме на секоја врата. Во секоја надлежна институција, кај секој човек. Покани нема да чекаме. Нашиот план ќе го презентираме секому. Веруваме дека ќе наидеме на конструктивност и желба за соработка. Пред секој состанок, со секоја надлежна институција, јавно ќе ги обзнаниме нашите конкретни барања. По завршување на секој состанок, јавно ќе го озбаниме исходот, односно резултатот од средбата. Веруваме дека на ваков начин, јавноста, народот, ќе има најдобра прилика да увиди кој конкретно го помага, а кој го минира и одмага спроведувањето на нашиот план.

Радува фактот што, веќе денес, заедно со Општината Аеродром, успеавме да изнајдеме решение, со кое на ФК Вардар, му се препишува фудбалскиот терен, лоциран во близина на С.Ц. Јане Сандански, кој по завршување на законската рамка, ќе стане достапен за нашите фудбалери. Благодарност до Општина Аеродром, до советот и градоначалникот, за конструктивната соработка и желбата да му се помогне на ФК Вардар. Веруваме дека сите институции и општини ќе го следат овој пример, ќе ја имаат истата волја, и ќе придонесат кон побрзо решавање на проблемите поврзани со клубот.

Секако, доколку во периодот што следи, се појават одредени спонзори, чии цели би биле во дослух со нашите, ние како засегната страна, би биле апсолутно отворени за разговор, и секако за можен потенцијален договор. Но, на секого нека му биде јасно дека ќе мора да се исполнат одредени критериуми. Нема да дозволиме ФК Вардар да стане полигон за остварување на личен профит, и нема да дозволиме преку грбот на клубот, да се пазари!

За крај, сакаме да потенцираме, дека нашиот легитимитет не го црпиме само од правен аспект, туку сметаме дека ова е нашето природно право, поради сите заложби и акции преку кои активно сме помогнале на клубот. Секако, најголемиот легитимитет го црпиме од народот, кој ја препозна нашата искреност, и не поттикна уште повеќе на ваков чекор. Вардар е клуб на народот, бил и ќе биде. Заедно ќе се избориме за неговата иднина!

Ќе известуваме за секој нареден чекор, а вие бидете спремни, затоа што ќе има многу активности, преку кои директно ќе може да му помогнете на клубот.
БОРБА – ЗА ВАРДАР НАШ! – информираат „Комити Скопје“.