Запалениот автомобил за кратко време беше изгасен од четворицата пожарникари кои стигнаа на местото
Густ темен чад и пламен претпладнево ги вознемири жителите и минувачите кај плоштадот „Скендербег“ на влезот пред Старата скопска чаршија. На улицата меѓу Трговскиот Центар „Мавровка“ и плоштадот „Скендербег“, пред влезот на Градски паркинг, се запали автомобил марка „форд“, кој за кратко време беше изгасен од четворицата пожарникари кои стигнаа на местото.
Сопственикот на автомобилот бил внатре во возилото кога тоа се запалило, а причините и нему не му се јасни.
„Не знам како се запали, почна од хаубата да гори, а јас веднаш излегов од возилото“,
вели сопственикот.
Додека да стигнат противпожарните екипи, службениците од Градски паркинг го контролираа сообраќајот на оваа улица за да се избегне доближување на други возила до запалениот „форд“.