Воз излета од шините во јужниот дел на Пакистан, при што загинаа најмалку 30 луѓе, а над 60 се повредени, соопштија официјални лица. Спасувачките операции беа во тек.

Десет вагони од возот за Равалпинди излетаа од шините, а некои се превртеа, во близина на пакистанскиот град Навабшах, заробувајќи многу патници, изјави високиот железнички офицер Махмудур Рехман Лахо.

Локалната телевизија прикажа спасувачки тимови како извлекуваат жени, деца и постари патници од оштетените и превртените вагони.

Високиот полициски службеник Абид Балоч изјави дека до сега од местото на несреќата извлечени се 30 тела, додека повеќе од 60 луѓе се повредени, од кои некои критично.

Тој додаде дека бројот на загинати може да се зголеми бидејќи спасувачките операции продолжуваат.

 

 

Железнички несреќи често се случуваат на лошо одржувани железнички пруги во Пакистан, каде што комуникациите и сигналните системи од колонијалната ера не се модернизирани и безбедносните стандарди се лоши.