Од Министерството за внатрешни работи најавија дека од попладнево, од 18 часот, два дена пред одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, ќе ја затворат за сообраќај улицата „Самоилова“ која се наоѓа пред црквата „Свети Спас“
Попладнево околу црквата „Св. Спас“ има присуство на полиција, но улицата „Самоилова“, што води покрај скопското Кале, е сè уште отворена за сообраќај. Единствено што не е дозволено е паркирање возила пред црквата „Св. Спас“.
Екипа на „360 степени“ попладнево беше во обиколка на црквата каде што се наоѓа вечното почивалиште на револуционерот Гоце Делчев. Од она што можеше да се забележи на местото, беа поставени две полициски возила, додека црквата „Св. Спас“ беше отворена за туристи. Единствено што не беше дозволено е да се снима и фотографира во внатрешноста.
Околу скопското Кале, пак, има поставено метални огради што укажува дека полицијата се подготвува за затворање на улицата „Самоилова“ и воведување на посебен сообраќаен режим.
Од Министерството за внатрешни работи најавија дека од попладнево, од 18 часот, два дена пред одбележувањето на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, ќе ја затворат за сообраќај улицата „Самоилова“ која се наоѓа пред црквата „Свети Спас“. Според информациите од МВР, улицата „Самоилова“ од попладнево ќе биде затворена на потегот од улицата „Иљо Војвода“ до крстосницата со „Прохор Пчински“, а в сабота по улиците „Лазар Личеновски“ и „Самоилова“ ќе се вози само под посебен сообраќаен режим.
Поради затворањето на овој дел од улицата „Самоилова“, граѓаните уште од денеска нема да може да движат на надвозникот кај поранешната стоковна куќа „Мост“ и покрај тврдината Кале, како и кај делот што минува крај црквата „Св. Спас“.
Од МВР апелираат до сите граѓани да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници на сообраќајниците на кои ќе се одвива настанот, со цел безбедност на сите учесници во сообраќајот.
Околу безбедноста за време на чествувањето на Гоце Делчев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска повторно апелираше за достоинствено одбележување и упати порака до сите дека секој поединец носи своја лична одговорност за заедничката безбедност, за демократско однесување и дека македонската полиција е целосно подготвена да обезбеди услови за достоинствено чествување на годишнината без никакви нарушувања на јавниот ред и мир.
„Македонската полиција има капацитети коишто гарантираат стабилност и безбедност и е подготвена во целост не само за овој туку и за кој било настан и пригода да ги сочува мирот и стабилноста на државата и граѓаните. Тоа е врвен приоритет“, рече Спасовски.