Опасност од лавини на Шар Планина

Националниот парк Шар Планина ја информира јавноста дека на територијата на паркот во моментов е присутна висока лавинска опасност, особено на деловите од планината над 1.700 метри надморска височина. Зголемениот ризик е резултат на комбинација од временски услови, меѓу кои температурата на воздухот, правецот и јачината на ветерот, како и снежните врнежи во изминатите денови, кои заедно со рељефот создаваат нестабилност на снежната покривка.

Лавина без човечки жртви

По добиена дојава од операторот за слободно скијање со ратраци Ескимо спорт за забележана лавина на подрачјето на паркот, екипа на Националниот парк извршила увид на терен. Претходно, тим на операторот спровел пребарување на лавинскиот терен со лавински уреди, при што било утврдено дека нема затрупани лица кои поседуваат ваква опрема, ниту пријави за исчезнати. Настанот, како што информираат од паркот, поминал без човечки жртви.

Степен 4 и апел за зголемена претпазливост

Паралелно со теренскиот увид, билa извршена експертска анализа на стабилноста на снежната покривка од стручен тим од образовна институција специјализирана за безбедност во планински туризам. Согласно проценката, утврден е висок степен на лавинска опасност – степен 4 според европската скала за лавински ризик. Националниот парк апелира посетителите да бидат особено внимателни, да избегнуваат потенцијални лавински зони, да не се движат во повисоките делови без квалификувана придружба и навремено да ја пријавуваат својата посета преку официјалната веб-страница. Од паркот посочуваат дека состојбата континуирано ќе се следи и јавноста ќе биде навремено информирана, нагласувајќи дека зимските услови на Шар Планина бараат високо ниво на одговорност и строго почитување на безбедносните правила.