Општина Карпош добива нов затворен пливачки базен, кој ќе биде наменет за учениците и спортските клубови за млади пливачи. Станува збор за современ спортски објект со димензии 25 на 9 метри, изграден согласно современи стандарди за функционалност и безбедност. Базенот треба да обезбеди безбедни услови за настава, тренинзи и развој на пливањето кај најмладите.

Инвестицијата изнесува 46.700.000 денари и е реализирана преку Владата, односно Министерството за спорт, со активно вклучување на Општина Карпош во завршувањето и ставањето на објектот во функција. Целта е сите деца од општинските основни училишта, на возраст до 9 години, да добијат можност да научат да пливаат.

Од Општината најавуваат дека во најскоро време ќе бидат донесени одлуки за моделот на функционирање и управување со базенот. Како што посочуваат, целта е да се обезбеди ефикасно, одржливо и рационално користење на новиот спортски објект.