Клиниката за урологија со целосно реновирана инфраструктура
Универзитетската клиника за урологија денеска ја претстави целосно обновената болничка инфраструктура, како дел од широк инвестициски и реформски циклус насочен кон модернизација на здравствените услуги, подобрување на условите за работа и обезбедување достоинствен престој за пациентите.
На настанот присуствуваа директорот на Клиниката, хирург-урологот и научен соработник д-р Башким Шабани, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство д-р Азир Алиу и директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски.
Во изминатите месеци, институцијата реализираше повеќе проекти за подобрување на медицинските услуги и условите за работа, со вкупна инвестиција од 300 илјади евра – средства обезбедени од фондовската сметка, донации и сопствен буџет на Клиниката. Реновираните простории се преуредени во современи болнички соби-апартмани со нови кревети, ЛЦД телевизори, тоалети, клима-уреди и прочистувачи на воздух.
Хуман гест на вработените и нови медицински технологии
Особено значаен е гестот на вработените кои се откажаа од субвенциите за службени мобилни телефони во износ од 500.000 денари, насочувајќи ги средствата за набавка на две машини за перење алишта и 18 клима-уреди за болничките соби.
„Ова не е само реновирање на ѕидови, туку и на вредностите, односот кон пациентите и професионалноста во здравството. За помалку од една година, Клиниката стана пример како со тимска работа може да се изгради модерен здравствен систем достапен дома“, истакна д-р Шабани.
Во изминатата година, Клиниката воведе три нови хируршки техники – имплантација на артифициелни уринарни сфинктери, вградување пенилни протези и подготовка за воведување на методата „сакрална неуромодулација“. Со тоа, установата стана сертифициран центар за интервенции кои досега беа достапни само во странство.
Нови простории, кадар и идни развојни планови
Клиниката отвори и просторија за полуинтензивно лекување опремена со монитори за следење на виталните параметри, а по анализа на потребите беа вработени 22 медицински сестри, болничари и хигиеничарки. Во подготовка е и програма за вработување нови доктори со цел задржување на стручниот кадар во државата.
Во следната фаза ќе се реновираат Центарот за трансплантација на бубрези и Центарот за калкулоза. Планирана е набавка на нов апарат за третман на уринарни камења и изградба на нова хируршка сала за ендоскопски интервенции, со цел централизација на третманот на уринарните заболувања на едно место.